Зорица е одлична во изработка на најразлични тестенини, пред нејзините специјалитети никој не останува рамнодушен, но иронијата е во тоа што иако ги прави со огромна љубов и внимание, самата не може да ги јаде од здравствени причини – веќе шест години е на безглутенска диета.
Едвај ја убедивме на разговор, ама па на крај, со насмевка се согласи, зашто е многу добар човек. Зорица Маџунарова. По природа, вели, „интроверт“ кој многу тешко и ретко зборува за себе. Пораснала на село во прекрасна природа, во Ораовица, Радовишко. Си ја сака природата, си сака да готви, сака и рок и блуз музика.
– Замислете ја само комбинацијата, престилка, месено тесто за пита и музика на Џими Хендрикс – се смее Зорица.
И јасно ви е со кого си имате муабет. Убав муабет.
Потрагата по подобар живот и по поголема слобода ги однела Зорица и нејзиниот сопруг во Прага. За Зорица тоа бил најубав и најволшебен град, а за волшепството да биде уште поголемо, таму се родил и синот Владимир, кој денес има четири години. Тој ѝ е секојдневна инспирација.
Во Германија се доселиле во средината на 2019 година. Успеале да најдат живеалиште во малото гратче Лерте, близу Хановер.
– Велам успеавме зашто Германија, во моментов, би рекла е пренаселена и многу тешко е да се најде дом. Тоа што беше наш единствен избор, се покажа како одличен избор. Мало место, со многу зеленило наоколу и можност за уживање во природата – ни раскажува Зорица.
Најголемата причина за преселбата, иако нагласува дека Прага и Лерте се сосема различни, било семејството кое ја „влечело“ во оваа земја. Селидбата била со тешко срце, ама немале поголемо опкружување од Македонци. Мислата дека детето ќе расте само, без роднини, била пресудна за одлуката.
Ја прашуваме од каде ѝ е страста за готвењето.
– Животот на село значи најчесто готвење дома. Од сопствени продукти од бавчата, само кога ќе се сетам на мирисот на свежо скинатите домати ми се плаче, домашно козјо млеко од баба ми и лебот испечен во фурна. Со љубопитство ги следев секогаш мајка ми и баба ми како подготвуваат разни пити, како сукаат јуфки и кори. Понекогаш ми дозволуваа и мене да седнам на старата дрвена софра и да пробам како се развлекуваат корите – се присетува таа.
Од рана возраст почнала и сама да се „плетка“ во кујната. Да подготвува нешто не толку сложено, ама секако многу вкусно.
– Ограниченоста со продукти не дозволуваше многу да се експериментира, се јадеше најмногу традиционална храна. Со тек на времето ми се разви огромна љубов кон италијанската храна. Таа љубов сосема случајно ме однесе во еден познат италијански ресторан во срцето на Прага, вели Зорица.
Таму речиси две години била „паста мејкер“ (мајсторка за правење паста,н.з). Рачно изработувала тестенини – тортелини, равиоли, фарфали, „гитара“ шпагети, а останатите видови паста ги изработувала на машина, како шпагети, ригатони, тесто за лазањи, талијатели.
– Работев во просторот каде што минуваа гостите и сите со воодушевување застануваа да гледаат како се прават свежите тестенини. Некои сакаа да разговараат и ми поставуваа прашања за изработката. Доаѓаа туристи од целиот свет. Понекогаш ќе слушнев некој од балканските јазици и ќе ги поздравев гостите, ќе поразговарав со нив. Македонци никогаш не сретнав таму, за жал. Голема иронија беше што иако ги правев со огромна љубов и внимание, овие тестенини јас не можев да ги јадам. Поради здравствени причини веќе шест години сум на безглутенска диета – искрена е Зорица.
За разлика од ова искуство, Зорица ни раскажува дека во Германија е популарна балканската кујна, дека Германците знаат за бурекот, питите со сирење и спанаќ, баклавата.
– Откако ќе го усовршам подобро јазикот, планирам да посетам курсеви за готвење. Најголема желба ми е да отворам локал каде што ќе може да доаѓаат луѓето кои имаат проблем со глутенот. Сè поголем број луѓе се дијагностицирани со целијакија. Ресторани има на секој чекор, ама овие луѓе имаат навистина отежнат живот, а такви ресторани нема. Посакувам да имам свој придонес во олеснувањето на овие проблеми. Во моментов тоа го правам преку разните групи за готвење на Фејсбук со споделување на вакви рецепти – нагласува таа.