Кога размислувате да се подготвите за велигденските празници, никако не заборавајте на декорацијата на домот…
За Велигден се вели дека е еден од најголемите и најрадосните христијански празници. Велигден е симбол на победата на животот над смртта, симбол на љубовта, симбол на преродбата, симбол на победата на светлината над темнината.
Водени од таа логика, дозволете си за Велигден да му се радувате на животот. Подгответе вкусни јадења, соберете ги драгите луѓе околу вас, но никогаш не заборавајте да ја украсите куќата за да доминираат радоста и повторното раѓање.
Најдобра асоцијација за будење, за новото раѓање се велигденските јајца, но и свежото цвеќе. Ако ставите многу разнобојни јајца и миризливи цвеќиња на масата – радоста сама ќе дојде.
Ви предлагаме 5 најдобри начини за украсување на вашиот дом за време на Велигденските празници:
Јорговани и нарциси
Кое од овие две цвеќиња повеќе го сакате? Наберете го, ставете го во кристални вазни на средина на масата и уживајте во мирисот на пролетта. За да се истакнат цвеќињата, нека бидат основни сите други бои на масата. Додадете бели празнични салфетки, свежо цвеќе и неколку свеќи и вашата празнична трпеза е подготвена.
Цвеќиња во стаклени куполи
Ако не сакате вашата храна да дојде во контакт со цвеќето, најдобро е цвеќето да се изолира во долги стаклени вазни, шишиња, тегли. Таквата декорација дополнително ќе придонесе за празнична декорација на масата.
Лушпи од јајца како украс
Кога правите торти, колачи и солени јадења за Велигден, ќе ви останат многу лушпи од јајца. Покрај тоа што можете да ги искористите како ѓубриво за градината, со нив можете и да ја декорирате масата. Сè што треба да направите е да ја наполните лушпата од јајца со цвеќиња.
За мали трпезариски маси
Ако немате многу простор за украсување на вашата трпезариска маса, сè што треба да направите е да земете сталак за колачи на 3 спрата и на него да ја поставите декорацијата: шарени јајца и цвеќиња.
Весела вазна
Земете една широка, провидна, стаклена вазна. Наполнете ја со шарени јајца, и над неа ставете свежо цвеќе. Нека тоа биде вашиот централен украс на масата! Секој ќе биде воодушевен.