Возач, медицинска сестра и тешко болен пациент од коронавирусот од Кочани се тешко повредени во сообраќајната несреќа што се случи во близина на селото Крупиште.
Со тешки скршеници се примени во штипската Клиничка болница, но портпаролот Марина Шуманска вели дека по прегледот и поради сериозноста на повредите веднаш се хоспитализирани на трауматологија во Клиничкиот центар во Скопје.
Сообраќајната несреќа се случила околу 9:30 часот на регионалниот пат Штип-Кочани кај селото Крупиште. Според полицискиот увид, дошло до судир меѓу камион, кој работи на изградба на експресниот пат, и возилото на Итната медицинска помош од Кочани. При вадење на повредените од возилото на Брзата помош интервенирале и штипските пожарникари.
Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панојотова информира дека на оваа патна делница се случила и втора сообраќајна несреќа кај селото Уларци. Увидот е во тек, по што полицијата ќе информира за деталите околу несреќата, во која првично учествувале три возила.