Поминаа 70 години откако генијалниот физичар им го исплази јазикот на здодевните фоторепортери. Фотографијата го претвори во икона. Но, која е приказната зад тоа?
Тоа било на 14 март 1951 година.
Денот кога генијалецот Алберт Ајнштајн наполнил 72 години. Познатиот физичар, роден во Улм, Германија, веќе со години живеел во САД. Во тоа време, работел во Њу Џерси на Институтот за напредни студии на Универзитетот Принстон. Кога Ајнштајн излегол, папараците демнеле пред Институтот по одржувањето на церемонијата, надевајќи се дека ќе слушнат една од духовитите анегдоти на светски познатиот професор за политичката ситуација во светот – и ќе направат совршена роденденска фотографија.
Ајнштајн, кој не бил обожавател на медиумската љубопитност, згора на тоа бил изморен од сите роденденски говори и метеж, се изнервирал од нивното присуство, пишува „Дојче веле“. Сакал да побегне, но не можел. Седел на задното седиште во лимузината, во „сендвич“ помеѓу поранешниот директор на Институтот, Френк Ајделот, и неговата сопруга Мари. „Доста, значи доста…“, тој повторил неколкупати пред новинарите, но тие не го оставиле на мир. „Еј, професоре, насмејте се за роденденската фотографијата!“ – дофрлил еден од папараците.
Случајна фотографија со култен статус
Во гест на нервоза, Ајнштајн, неконвенционален и со слободен дух, го исплазил јазикот кон „прогонувачите“ што не му давале мир. И тоа бил совршениот среќен момент за фотографот Артур Сасе, кој го притиснал копчето на неговиот фотоапарат. Фотографијата брзо го обиколила светот, станувајќи иконска.
Збунетиот професор со разбушавена коса и лежерна облека, кој толку често заборавал да облече чорапи, и чија теорија на релативноста до денес ја разбираат мал број брилијантни умови, бил издигнат во митска фигура уште во текот на неговиот живот. Култната фотографија дополнително му дала статус на поп-икона, пишува „Дојче веле“.
Но, не бил фотографот тој што ја направил фотографијата славна, туку самиот Ајнштајн. Фотографијата му се допаднала на Ајнштајн, кој нарачал бројни копии, ги исекол за да не се гледаат неговите сопатници во автомобилот, туку само тој со исплазениот јазик. Фотографијата ја испратил до сите пријатели, колеги и познајници. На пријателката Јохана Фантова ѝ напишал: „Исплазениот јазик го покажува мојот политички став“.
Ајнштајн за човечката глупавост
Бидејќи имал еврејско потекло, Ајнштајн ја напуштил Германија по доаѓањето на нацистите на власт. Знаел како изгледа лов на вештерки кога државата ќе земе „на заб“ една група луѓе. Поради тоа, не можел да го одобри ловот на наводните комунисти инициран од фанатичниот антикомунист, американскиот политичар Џо Мекарти. Многу политичари, интелектуалци и уметници биле обвинети дека „не се Американци“.
Ајнштајн има многу работи да каже за човечката глупавост: „Владеењето на глупавите не може да се надмине, бидејќи ги има толку многу, а нивните гласови се бројат како и нашите“, сметал Ајнштајн. И друга мисла доаѓа од него: „Две работи се бесконечни. Универзумот и човечката глупост, но не сум сосема сигурен за универзумот“.
Ајнштајн таа глупавост ја дочекал со генијалност и со хумор – исплазениот јазик.
ГЛОСА Во 2009 година оригинално потпишаната копија е продадена за 74.324 долари (62.677 евра) на аукција, што ја прави најскапата фотографија на генијалецот досега.