По повод Светскиот ден на театарот нашата позната актерка Весна Петрушевска се огласи на својот инстаграм – профил.
– Денес е нашиот голем ден. Светски ден на театарот… Секоја година некој театарски работник ќе напише нешто во чест на овој наш ден. За мене Горан Стефановски секогаш беше хируршки прецизен …во негова чест и за нашата најголема љубов…
“Кога ништо не е в ред, а не се крева ниту малиот прст ситуацијата за се подобри… и во тоа се бара дури и некакво задоволство. Ужас. И на овој Балкан никогаш ништо не одело како што треба. Дваесет илјади години наназад. И кога во сиот тој метеж некој се заложи да помогне, таа помош не се прима добронамерно. Напротив. Сомничаво се одбива. И состојбата продолжува. Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не, не на пропаст, да се разбереме. Пропаста е дефинирана состојба. Ни на благосостојба од која сте далеку. Туку на постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки, на ист начин. Повторно и повторно, упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство. Тоа станува смешно”, стои во објавата на Петрушевска која не пропушта прилика да го спомне Горан Стефановски, писател, режисер, сценарист, драматург и еден од најзначајните личности во македонската култура.
Весна во една прилика изјави и дека делата на Горан Стефановски продолжуваат да живеат и меѓу младите надежни актери кои се ученици во нејзината актерска школа.