Класичната уметност сè уште служи како инспирација за многу уметници ширум светот. Многу од нив се обидуваат да ги „оживеат“ постоечките култни уметнички дела, со свој оригинален пристап на истите.
Уметниците користат разноразни техники, некои користат стакло, коцки или дрво, а турскиот уметник и илустратор Мурат Јулдирим за својата уметничка експресија користи крзно.
Невообичаениот избор на материјал Јулдирим го користи како фантастично средство за реинтерпретација на познати уметнички дела.
Замислувајќи како би било да се заменат боите на платното со крзно, овој уметник ги претвори шесте најголеми уметнички ремек дела на светот во крзнени сликарски површини.
„Крзнени уметнички дела“ е едноставното име на неговата колекција. Никогаш порано, признава уметникот, не се занимавал со репродукции, и тоа за него било навистина голем предизвик. Тој сакал да проба нешто ново и по некое време дошол на идејата да ја развие оваа уникатна техника.
Од познатата Мона Лиза на Леонардо и нејзината мистериозна насмевка, преку Ѕвездената ноќ на Ван Гог, па се до Девојката со бисерната обетка на Вермер.
Секое дело е единствено искуство, бидејќи ве тера да се присетите на оригиналните слики, како и да ги споредите со репродукцијата пред вас.
Присуството на детали, како и отсуството на јасно дефинирани линии, го тераат набљудувачот да создаде слика за она што го нема, игнорирајќи го фактот дека уметникот во овој случај не користи бои и четки при создавањето на овие дела.