Царинската управа извести за спречени обиди за криумчарење лекови, стоматолошки материјали, очила со диоптер, поголема количина цигари, мотоцикл, УПС уреди за напојување со електрична енергија и друга стока во текот на изминатите денови/
· Спречен обид за криумчарење лекови на граничен премин Деве Баир. Запленети се пет парчиња ампули Genotropin GoQuick од 12 mg што се употребуваат при недостаток на хормонот за раст, 50 вијали Dysport, раствор за инјектирање, коишто се употребуваат при цервикална дистонија и други медицински цели, чиј внес во државата подлежи на посебни дозволи од надлежни институции и истиот е строго регулиран. До сторителот од страна на Секторот за контрола и истраги е поднесена кривична пријава. Случајот го открија царинските службеници на влез во државата на граничен премин Деве Баир при контрола на автобус кој сообраќал на линија Македонија – Турција – Македонија. При тоа во торбата на возачот покрај лековите, пронајдени се и 20 кутии со 170 кг мед, 177 парчиња чоколада, три килограми чај, како и над 40 парчиња фармерки со ознаки на заштитени марки.
Мобилен тим заплени над илјада парчиња стоматолошки материјали меѓу коишто, прибор за импланти, материјали за изработка на круни и мостови, материјал за пломбирање заби, средства за белење заби, стоматолошка гума и други стоматолошки материјали. Истите се откриени на влез во државата на граничен премин Богородица при контрола на автомобил со кој патувал македонски државјанин. Сторителот, инаку македонски државјанин, без да ја пријави стоката чиј внес е строго регулиран и подлежи на посебни дозволи, сакал да ја криумчари во државата. Против него е поведена соодветна постапка, извести Царинската управа.
· Запленети над 600 парчиња очила со диоптер за кои увозник не поседувал дозвола за увоз. Случајот е откриен во царинска испостава Гевгелија при контрола на разна стока со потекло од Кина којашто била пријавена за увозно царинење.
Службата за мобилен скенер на граничен премин Табановце спречи и обиди за криумчарење на УПС уреди што се користат за непрекинато напојување со електрична енергија. Истото е откриено при скенирање на камион како и извршена контрола, при што во кабината се откриени две парчиња УПС уреди „Делта МХ“. Во друг случај при контрола на камион со бугарски регистарски таблички запленети се и околу 300 парчиња облека, коишто биле скриени на различни места во возилото.
Македонец се обидел преку граничен премин Табановце нелегално да внесе шест илјади евра, како и поголема количина облека, но и обувки, чанти и паричници коишто сакал да ги шверцува без за нив да плати давачки. Во истото е спречен од царинските службеници кои поради сомневање го застанаа автомобилот со кој патувал за детална контрола при што е пронајдена непријавената стока. Патникот со себе носел 16 илјади евра, при што согласно Законот за девизно работење вратени му се десет илјади евра, а останатите се запленети. Покрај тоа во багажниот простор во неколку торби е пронајдена и останатата непријавена стока, меѓу која околу 100 парчиња облека, седум пара обувки, две чанти и два паричници, при што истата е запленета. Против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречија и обид за шверц на мотоцикл за крос, пронајден во автомобил со германски регистарски таблички со кој патувал македонски државјанин. При контроли на граничниот премин откриени се и обиди за шверц на 20 парчиња каиши за затегнување стока печатач, над 70 парчиња облека, делови од уреди и друга стока што патниците не ги пријавиле на влез во државата, со цел избегнување плаќање давачки.
На граничниот премин Табановце е откриен и случај на прекршочно дело каде патник се обидел нелегално да внесе над две илјади парчиња разни предмети со религиозен карактер (дрвени крстови, плетени бројаници, бројаници од монистри и метални и дрвени приврзоци). Случајот е откриен при контрола на автобус кој сообраќал на релација Белград-Уранополис, при што во торбата на патникот е откриена непријавената стока.
· При контрола на три камиони и еден автомобил на влез во државата на граничниот премин Богородица се запленети 58 штеки цигари. Возачите на камионите ги скриле штеките на цигари на различни места, под душекот на креветот, во преградата за алат, но и во филтерот за воздух. Во сите случаи на контрола, царинските службеници успешно ги открија намерите на возачите, при што се спречени во обидите за криумчарење на цигари. Од почетокот на годинава до сега севкупно на ниво на цела царинарница Гевгелија запленети се 700 штеки цигари.
· Над дванаесет парчиња употребувани делови за возила, како и нова пумпа за кочење за товарни возила, се пронајдени во багажникот на автомобил со косовски регистарски таблички, со кој косовски државјанин се пријави за влез во државата на граничниот премин Дојран. Против патникот ќе биде поведена соодветна постапка, се наведува во соопштението на Царинската управа.