Крајот на годината, секогаш ветува подобар почеток на следната. Годината во заминување беше исполнета со многу предизвици, ни донесе многу тага, но нѐ направи и многу среќни. Оваа година нѐ научи прво да се соочиме со себе, а поретко со другите. Бевме сведоци на полициски час, карантини, загубивме драги луѓе, но спознавме и научивме и многу нови работи.
Токму затоа составивме листа со омилени јавни личности, ги контактиравме и им поставивме неколку навидум многу едноставни прашања. Но, одговорите беа тотално различни, искрени, особено љубовни и полни со нова надеж.
Денес одлучивме да се дружиме со Сузана Турунџиева, жена, мајка, борец во вистинска смисла на зборот, која сите животни предизвици, оние среќните, но и оние тажните, успеа да ги преброди недавајќи ѝ на насмевката да се оттргне од нејзиното лице.
Нејзината долгогодишна кариера како пејачка, водителка и писателка, сите добро ја познаваат, токму затоа решивме овој пат да допреме до нејзиното срце, во кое најдовме љубов за целиот свет, добрина и разбирање за секого, но и топли зборови кои ја стопија и нашата душа.
Како што вели и таа самата „А што да правам кога не умеам да давам третина прегратка, половина доверба, четвртина насмевка или пак осмина љубов?! Јас давам сѐ од себе… Секогаш!“
Ја прашавме што ја одбележа нејзината 2020 година на личен план?
„Кога би требала во еден збор да ја опишам 2020 година тоа би бил зборот НЕМОЌ. СТРАВ.. Или НЕМИР… Несомнено е дека 2020 година целиот свет ќе ја памети како година во која човештвото е ставено на голем испит на кој полесно (можеби) поминуваат само најсовесните, најразбудените и оние кои од првиот ден на пандемијата се потрудија да ги насочат сите свои капацитети кон нешто корисно, креативно и важно. И за себе, но и за останатите. Ако ме прашате мене каква ми беше 2020 година сигурно нема да ви речам дека ми беше прекрасна и лесна… Почна лошо, неубаво… Но благодарение на моите „фабрички подесувања“ кои природно не ми дозволуваат да останам долго во лошо расположение јас се потрудив и успеав да се рестартирам, да ги покренам сите мои потенцијали, да ги освестам сите мои одамна зацртани планови и желби и да го премостам лошиот период. Благодарение на семејството и моите пријатели не беше воопшто тешко да го постигнам тоа. Да, многу тешко ми паѓаа ограничувањата, мерките, дистанците, забраните и неможноста да патувам, да се видам и гушнам со луѓето… и да работам слободно… Но се потрудив во се да видам нешто добро… Во секоја една (не)прилика се потрудив да создадам можност за да се искачам скалило погоре, за да го надминам чувството на немоќ и да го активирам мојот максимум… Во себе, за себе и за тие околу мене! Најубавото кое ми се случи во 2020 година е пријателството со Атиџе Муратова – жената која секојдневно ме потсетува колку е убав животот. Нејзината скромност, едноставност, нејзиното благодарно срце и радоста која не ја изгубила во ниеден момент од нејзиното живеење ми го промени целиот „филм“ на животот. Таа му даде друг „диоптер“ на мојот светоглед. Ми го обои животот во многу топли и човечни бои… Таа поседува „нијанси“ досега (за нас) непознати, непочувствувани… Таа е вонсериска и бесценета за мене! Со нејзината едноставна и уникатна животна филозофија таа ми влеа огромна надеж и волја дека ќе успееме да ја совладаме безизлезната ситуација во која повремено имам впечаток дека сме „заглавени“ веќе 10 месеци… Нејзиниот оптимизам и ведрина ми беа и тоа како потребни. Неизмерно сум му благодарна на животот што ми ја испрати како сонце после дождот…
А што очекува Турунџиева од новата година?
„Ахх, како никогаш досега оваа година посакувам да имам магично стапче и моќ да ја оставиме корона пандемијата во старата година, а во новава 2021 да си ги земеме само убавите работи и се што откажавме и одложивме во 2020та…. За жал, свесна сум дека и во новата година ќе влеземе со истите грижи, стравови, проблеми и ограничувања, кои сигурно нема така лесно и брзо да завршат… Но, од дното на душата посакувам барем во средината на 2021 год. да заврши целото ова лудило, да ни се врати животот во нормала, да ги фрлиме маските и да почнеме да живееме како порано. До тогаш се што сакам е да имаме што помалку жртви, да нема повеќе луѓе кои во пандемијата ги губат работните места, и конечно да успееме да се справиме со овој непредвидлив вирус кој го клекна целиот свет на колена. Исто така многу посакувам да се отворат границите и да успеам да си ги видам внуците од брат ми кои не сум ги видела речиси 13 години…“
Освен пораките за здравје, среќа и љубов во новата година, со кој збор, фраза, реченица… лично Сузана би се обидела да промени нешто или барем да им го стопли срцето на блиските?
„Низ годините научив многу работи, но едно нешто не успеав да научам: да дозирам. Ни љубов, ни лутина, ни доверба… И секогаш го давав максимумот… Безрезервно, стопроцентно, иако еден дел од мене секогаш знаеше дека таквото великодушно давање и верување скапо ќе ме чини… И во љубовта и во довербата… А што да правам кога не умеам да давам третина прегратка, половина доверба, четвртина насмевка или пак осмина љубов?! Јас давам се од себе… Секогаш! И многупати страдам поради тоа… И ме боли… И поминува… И знам дека се што правам е со причина и се што ми се случило било вредно за да го искусам… И болката и исцелувањето… Затоа давам СЕ или НЕ…“, искрено раскажа Сузана Турунџиева.