Конечно на интернет страницата на МВР, каде што стојат фотографии и податоци за лицата кои се бараат со потерница се појави и Сашо Мијалков. Тој во моментов се бара само со национална потерница, но МВР бара да се среди документацијата и да се распише меѓународна.
Вчера судот издаде решение за куќен притвор кое требаше да му биде врачено. Но, сепак полицијата не го најде во неговиот дом, ниту во Хотел Мериот. Тој сега и официјално е во бегство, а во моментов никој не знае каде е.
Инаку, во петок на 26 февруари треба да се изрече пресудата за случајот „Таргет Тврдина“, каде Мијалков е обвинет за масовното прислушување. Обвинителката Ленче Ристоска во завршните зборови на рочиштето одржано пред неколку дена побара максимална затворска казна за него. Поради тоа, судот изрече решение за негов куќен притвор, поради можност од бегство, иако обвинителството бараше притвор.