Пуцко Петрол бил омилен снабдувач на општините кои ги води ДПМНЕ и тоа подолг период, години наназад, велат од СДСМ.

„Само со три договори склучени со општина Битола, каде градоначалник е Коњановски од ДПМНЕ, речиси 240.000 евра завршиле кај оваа компанија. Јавноста знае дека тоа е бизнис изроден во времето кога ДПМНЕ и ДУИ беа коалиција. ДПМНЕ и Мицкоски треба да излезат пред граѓаните и да одговорат колку милиони народни пари преку општините, министерствата и други институции кои тие ги раководат завршиле кај Пуцко Петрол?“, стои во соопштението на СДСМ.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДС е директен учесник во криминалот со канцероген мазут тежок 167 милиони евра. На македонската јавност и е многу јасно дека за дебело да профитира нивната политичката и бизнис елита, СДС и ДУИ посегнаа и кон труење на граѓаните. Пуцко Петрол е омилена компанија од владеењето на СДС и ДУИ. Таа е фирма на син на омилениот пратеник на СДС од ДУИ, Исмаил Јахоски. Седум години на власт, СДС се погрижиле династијата од Пласница енормно да го зголеми богатството, но за жал на штета на здравјето на граѓаните. Седум години Пуцко Петрол од СДС, како од централната, така и од локалната власт земал тендери тешки милиони евра. Седум години Пуцко Петрол заедно со РКМ ги труеле граѓаните со канцероген мазут. Седум години СДС го толерирала Пуцко Петрол, затоа што и самите беа вклучени во криминалот тежок скоро 167 милиони евра, преку кој со канцероген мазут го труеја народот. Директни учесници на СДС во овој криминал во ТЕЦ Неготино, се нивниот кадар и директор во бегство од правдата, Васко Ковачевски и другите нивни функционери“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.