Русите во окупираниот Мариупол планираат повторно да го отворат Драмскиот театар до крајот на оваа година, истиот што го уништија со две воздушни бомби во март 2022 година.

Во нападот загинаа повеќе од 300 украински цивили кои побараа засолниште во зградата, а првата претстава на местото на ужасното злосторство треба да се одржи веќе во декември, соопшти Градскиот совет на Мариупол.

„Окупаторите тврдат дека „реконструкцијата“ на театарот е при крај. Местото на едно од најстрашните руски воени злосторства сега се трансформира во простор за руски претстави и концерти“, соопшти градскиот совет.

Службениците додадоа дека Русите го опколиле театарскиот простор по смртоносниот воздушен напад за да го сокријат отстранувањето на урнатините што содржат тела и да спречат документирање на доказите за нивните злосторства.

На 16 март 2022 година, руските сили фрлија две воздушни бомби од 500 килограми врз театарот во Мариупол. Во тоа време, зградата се користеше како засолниште за стотици цивили.

Зборот „Деца“ беше напишан со големи букви на предната и задната страна од зградата за да биде видлив од воздух и да ги предупреди пилотите дека внатре има цивили, но нападот сепак се случи.

Окупациските власти подоцна го демонтираа уништениот театар, оставајќи ја само предната фасада како „темел за реконструкција“. Во август оваа година, руските власти објавија дека ги завршиле надворешните поправки и дека преминуваат на внатрешно уредување, најавувајќи дека првата претстава ќе се одржи до крајот на 2025 година.

фото: принтскрин

Текстот (Фото) Русите отвораат театар на местото на едно од најстрашните злосторства е превземен од МАКФАКС.