Таа е убавица, советничка, инженерка, и што уште не, а вели дека не би ѝ било срам и метла да земе во раце и да зачисти сè додека работата и заработувачката се чесни.
На своите десет прсти има барем десет професии. Билјана Јаневска е медицинска сестра, физиотерапевт, дипломиран инженер по екологија, магистер по управување со отпад, работела во првото онлајн казино во државата, а сега работи како советничка за подготовка и спроведување на развојни проекти во ЈП „Дрисла“. А, да, и манекенка е. Моментно се подготвува за изборот на убавина Мис модел ворлд.
На 19 јуни ќе ја претставуваш нашата држава на изборот за Мис модел ворлд. Каде ќе се одржува овој настан за убавина, колку земји се учеснички, како се подготвуваш, имаш ли финансиска поддршка, што е со гардеробата, и секако, што очекуваш од овој натпревар?
– Да, токму така, на 19 јуни е големото финале. Како и за минатиот натпревар за убавина и овој е виртуелен со оглед на тоа дека пандемијава сè уште за жал успешно си владее низ цел свет. Инаку, се одржува во Јамајка. Сè уште не се знае под кој број се натпреваруваме. Учествуваат Бангладеш, Пакистан, Гвајана, нашата држава и многу други земји. Финансиска поддршка од нашата држава, за жал, не добив, имаме анонимен фан од Јамајка, партиципацијата тие ја подмирија, затоа и учествуваме на изборов. А мојата модна агенција „Пантер моделс“ ми помогна околу организацијата, снимањето на промотивните видеа каде што носам фустани од креаторката Јасмина Дракул. За накитот се погрижија семејство Талеви, познати по најубавиот охридски бисер. Подготовките завршија, минатиот викенд бевме да снимаме кадри во Охрид. Ќе има кадри од цела Македонија. Ретко во животот ти се пружа втора шанса, но јас максимално ќе ја искористам. Секако дека очекувам крунисување со победа.
Работиш како советник за подготовка и спроведување на развојни проекти во ЈП „Дрисла“. Како твоите претпоставени гледаат на овој твој манекенски „излет“?
– Конечно се изборив за своето место под сонцето и сум пресреќна за тоа. „Дрисла“ е мојот втор дом, се вработив по струка, нешто што е многу ретко за нашата младина во денешно време. Бидејќи често слушам дека си заминуваат сите од своето родно место. Мојот директор Начевски е прекрасен. Пријател пред сè, па потоа претпоставен. Имам неизмерна поддршка од цела фирма. Уште од првиот ден почувствував неизмерна љубов и хармонија. Заедно работиме. Сакам да се гордеат со мене сите во „Дрисла“.
Во твојата деловна биографија стои дека имаш завршено две средни образованија, односно дека си медицинска сестра и физиотерапевт, дека си дипломиран инженер по екологија и магистер по управување со отпад, а своевремено работеше и во првото онлајн казино во државава. Мислиш ли дека „кој го бива, за сè го бива“ или пак, некогаш си помислила дека можеби било подобро да се концентрираш само на една област?
– Апсолутно дека кој го бива, за сè го бива. Не би ми било срам и метла да земам в раце и да зачистам. Сè додека чесно заработуваме, зошто да не? Не можам само во една област да делувам, мојата природа тоа не го дозволува (се смее, н.з).
За себе велиш дека си мултитаскинг девојка и дека нема нешто што не можеш да направиш. Сепак, мора да постои нешто во кое не би се втурнала, што би било тоа?
– Во пороци. Во лажење, крадење. Во нечесно заработување пари.
Како твоите пријателки, познанички, колешки, гледаат на овие твои квалитети, постои ли љубомора или напротив, можеш да сведочиш за женска солидарност и поддршка?
– Имам голем круг на пријатели, ама тој полека се стеснува. Најголема поддршка добивам од мајка ми, а исто и од другарките и колешките. Ако бидеш пријател и тие ќе бидат со тебе пријатели. Многу е важно само човек да не остане сам. Што ќе ми се тогаш сите успеси ако немам со кого да славам, зарем не?
Млада, убава, образована, имаш ли време за љубовен живот? Што се случува во твојот емотивен свет?
– Мојот љубовен живот е прекомплициран. Многу тешко оди на тоа поле. Многу сум пребирлива. Тешко се врзувам, ама кога тоа ќе се случи, тогаш ќе биде засекогаш.
Која е твоја следна цел, можеби нов работен предизвик, или смирување во брачни води?
– Време е да се смириме малку. Бидејќи на сите полиња сум исполнета, остана уште среќен и долг брачен живот исполнет со многу дечиња, едно цело одделение. Едвај чекам да се остварам во улога на мајка, па мојот татко, од горе од небото, да ме гледа и да се радува на мене. Ех, што ми е жал што го немам.