Пожарникарите спасија лица заглавени во автомобил по излевање на Пчиња кај бањата Стрновац, во Општина Старо Нагоричане.
„На ден 19.11.2025 година во 07:35 часот по повик од 112 дека има заглавени две лица до бањата во с.Стрновац Општина Старо Нагоричане,поради излевање на реката Пчиња, ТППЕ Старо Нагоричане интервенираше со едно возило и двајца пожарникари“, објави Територијалната противпожарна единица.
Од таму апелираат граѓаните на Општина Старо Нагоричане да избегнуваат движења и секакви активности по течението на река Пчиња во Општина Старо Нагоричане, а доколку се здогледа лице во опасност од временските услови да се јават на телефонските броеви: 031 495 666 или на 112 и на 193.
ЦУК – Куманово, пак, извести дека е добиена информација дека на подрачјето на село Пелинце, во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, како и на локацијата кај бања Стрновац, реката Пчиња се има излеано од своето речно корито за околу 20 сантиметри.
Во моментот, излевањето не зафаќа куќи или викендици.
Дополнително, кај Коински мост е забележано насобирање на поголема количина дрвја, кое го отежнува нормалниот проток на реката Пчиња. За состојбата е навремено известено Водостопанство Куманово, кое ќе постапи согласно своите надлежности.
Текстот (Фото) Пожарникарите спасија лица заглавени во автомобил по излевањето на Пчиња е превземен од МАКФАКС.























