Австралиските научници открија нов вид на автохтона пчела со ситни рогови, на која ѝ го дадоа соодветното „пеколно“ име, Луцифер, објави Би-би-си.

Видот Megachile lucifer беше откриен од истражувачи додека набљудуваа ретко диво растение кое расте исклучиво во областа Бремер Рејнџс во Западна Австралија, околу 470 километри источно од Перт.

Женките имаат мали рогови
Според водечкиот истражувач, докторката Кит Прендергаст од Универзитетот Куртин, „карактеристичните мали рогови“ се присутни само кај женките и би можеле да се користат за одбрана, собирање полен и нектар или за собирање материјали како смола за градење гнезда.

„Женката ги има овие неверојатни мали рогови на лицето“, рече д-р Прендергаст. „Кога го пишував описот на новиот вид, во тоа време ја гледав серијата на Нетфликс ‘Луцифер’ и името совршено се вклопуваше. Плус, јас сум голем обожавател на ликот, па немаше прашање.“

Името Луцифер, што на латински значи „носител на светлина“, според нејзините зборови, исто така ја симболизира потребата од поголема заштита и истражување на австралиските пчели и подобро разбирање на тоа како се опрашуваат загрозените растенија.

Во христијанската теологија, Луцифер често се идентификува со паднат ангел кој се побунил против Бога и бил исфрлен од рајот поради неговата ароганција. Иако латинското име Луцифер првично значи „носител на светлина“ и се однесува на утринската ѕвезда (Венера), подоцна стана симбол на Сатаната во библиската и теолошката традиција.

Се бара заштита
Студија објавена во Journal of Hymenoptera Research ги повикува властите официјално да ја прогласат областа каде што се откриени нов вид пчели и ретко диво растение за заштитено подрачје за да се спречи уништување на шумите и уништување на живеалиштата.

„Бидејќи новиот вид и загрозеното растение се наоѓаат на истата мала област, и двете би можеле да бидат изложени на ризик од губење на живеалиштата и закани како што се климатските промени“, предупреди д-р Прендергаст. Таа додаде дека многу рударски компании дури и не ги земаат предвид автохтоните пчели во нивните проценки на влијанието врз животната средина.

„Како резултат на тоа, може да губиме неоткриени видови, вклучително и оние што играат клучна улога во зачувувањето на загрозените растенија и екосистеми. Ако не знаеме кои пчели постојат и од кои растенија зависат, би можеле да ги изгубиме и двете пред дури и да ги знаеме“, заклучи таа.

фото: принтскрин

Текстот (Фото) Пчела „Луцифер“ пронајдена во Австралија е превземен од МАКФАКС.