Синоќа, во присуство на бројни граѓани и спортски ентузијасти, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски свечено го отвори новиот спортско-рекреативен центар во населбата 11 Октомври – Бараки. Новиот парк претставува дел од поширокото парковско зеленило, заедно со уште два претходно изградени парка во околината, со што се заокружува вкупна зелена површина од 20.000 метри квадратни, само во оваа населба. На настанот, во употреба беше пуштено ново повеќенаменско игралиште, изградено со финансиска поддршка од компанијата ВЛТ, како и ново одбојкарско игралиште. Новото игралиште е посветено на прерано починатиот Драган Крстев , верен член на „Комити“, а теренот беше отворен симболично со натпревар помеѓу “Комити” од Драчево и од Кисела Вода.

– Вечерва заедно со жителите на населбата 11 Октомври – Бараки отвораме нов спортско-рекреативен центар, со што оваа урбана заедница добива ново зелено и мултифункционално јадро. Со овој парк, и со претходно изградените два парка во близина, општина Кисела Вода добива нови 20.000 квадратни метри парковска површина – инвестиција од огромно значење и за здравјето на жителите и за социјалната кохезија, бидејќи парковите се воедно и белите дробови на градот и простори за заедништво и активен живот.

Особено ми е драго што вечерва го отвораме и новото мултифункционално игралиште, изградено со поддршка од компанијата ВЛТ. Ним им упатувам голема благодарност за покажаната општествена одговорност и за вложувањето во заедницата. Ова игралиште го посветуваме на прерано починатиот Драган Крстев, како мал, но искрен симбол на сеќавање на него. Голема благодарност до неговото семејство што е вечерва со нас. Неговото име ќе живее преку детската игра, спортскиот дух и смеата што ќе одекнува од овде.

Дополнително, во непосредна близина изградивме и одбојкарско игралиште, со што се прошируваат можностите за спорт и рекреација за младите и сите жители.

 

Создавањето на вакви центри за спорт и рекреација, кои веќе ги имаме преку 20, е наша визија и заложба што ја реализираме веќе 3.5 години. Би потсетил дека во оваа населба, во рамки на мојот мандат, беа направени и 1450 метри фекална канализација, а целосно ги реконструиравме и улиците „Петар Драпшин“ со краците, „Ефтим Спространов”, “Лазар Димитров”, “Лав Tолстој“…

Голема благодарност до сите кои помогнаа проектот кој вечерва го промовираме да стане реалност, и посебно до комитите од Драчево и Кисела Вода кои ќе го отворат теренот со симболичен ревијален натпревар. Продолжуваме посветено, со уште поголема енергија-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Текстот (Фото) Отворен нов спортско-рекреативен центар во 11 Октомври – Бараки е превземен од МАКФАКС.