Во рамките на обемната акција за отстранување дивоградби, Општина Центар ја урна нелегалната доградба на деловен објект на улица „Орце Николов“ бр. 139 во Дебар Маало, соопштија од Општината.

Конструкцијата била изградена без одобрение за градење и го узурпирала заедничкиот простор предвиден за граѓаните.

„Јавните површини во Центар им припаѓаат на сите граѓани и нема да дозволиме да се претвораат во приватни имоти поради самоволие на поединци. Секој бесправно изграден или незаконски поставен објект ќе биде санкциониран со соодветни решенија и постапки за негово отстранување”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.

Градежниот инспектор издал решение со кое на инвеститорот „Екотон Дизајн“ му било наложено да ја отстрани нелегалната доградба. Бидејќи инвеститорот не постапил по решението и по неколкуте опомени, општинските служби ја отстранија бесправно изградената конструкција.

„Општина Центар спроведува континуирана акција за воспоставување ред на јавните површини, со засилени инспекциски контроли и активности за расчистување на нелегално поставени објекти. Целта е заштита на јавниот интерес и враќање на просторот на граѓаните, како дел од пошироката стратегија за уредување и подобрување на урбаниот простор во општината“, соопштија од Општина Центар.

Текстот (Фото) Отстранета дивоградба на улица „Орце Николов“, Герасимовски најави расчистување на бесправните објекти е превземен од МАКФАКС.