Општина Илинден го пушти во употреба новото спортско-рекреативно катче околу „Бучинското Езеро“ во населеното место Бучинци – целосно преуреден туристички локалитет што нуди простор за одмор, спорт, релаксација, рекреација и дружење на отворено.

Овој проект, кој произлегува од предизборната програма на градоначалникот Георгиевски и е дел од Стратешкиот план на Општина Илинден за 2022–2026 година, е целосно реализиран. Просторот околу езерото е партерно уреден и поплочен со нови бекатон плочки, изградени се пешачка патека долга 60 метри, како и платформа за прошетка и одмор. Исто така, тампониран е и пристапен пат од 100 метри. А за љубителите на риболовот е изработена специјална платформа за риболов, велат од Општината.

Местото е осветлено со нови енергетски ефикасни канделабри, поставени се урбани елементи како клупи за одмор и корпи за отпадоци, а централниот летниковец нуди пријатна сенка и простор за дружење и уживање. Сето ова, го прави „Бучинско езеро“ идеален простор за релаксација и рекреација во природните богатства на општина Илинден, се вели во соопштението на Општината.

„Со овој проект на жителите на општина Илинден, но и на сите граѓани од околината, им обезбедивме едно модерно, пристапно и функционално јавно место во кое ќе можат да уживаат и да го поминуваат слободното време. Ова не е само исполнето ветување, туку инвестиција во квалитетот на секојдневието на граѓаните од сите населени места во општина Илинден,“ изјави градоначалникот Георгиевски.

„Бучинско езеро“ е само уште еден од низата проекти што ја рефлектираат заложбата на Општина Илинден за развој, урбанизација и подобар животен стандард. Од сега, жителите на општината имаат ново омилено место за рекреација и уживање, токму во своето место на живеење, се додава во соопштението.

Текстот (Фото) Општина Илинден го пушти во употреба туристичкиот локалитет „Бучинско езеро“ е превземен од МАКФАКС.