Како што стои на официјалниот инстаграм – профил на мултимедијален проект „Светот на Биби“, најмалите верни гледачи како и нивните родители наскоро ќе запознаат уште еден нов член, а тоа е таткото на омилената Биби.
Гласот за улогата на таткото на Биби во оваа анимирана серија ќе го позајми еден од нашите најпознати актери – Никола Ристановски.
– Добре дојде во тимот! за Никола Ристановски во улога на тато Тино, таткото на Биби. Се радуваме на оваа нова соработка и заедно ќе продолжиме да правиме уште многу нови содржини за децата – затоа што тие го заслужуваат најдоброто, стои во официјалната објава на инстаграм – профил.
Како што наведуваат и самите креатори на „Светот на Биби“, од самиот почеток целта на овој мултимедијален проект кој преку неколку детски ликови (Биби, Боби, Зази) на забавен начин за многу кратко време им стана омилен на најмалите и најмилите чија основна цел на проектот е да учат за многу важни работи, а притоа низ песна и игра го изучуваат мајчиниот јазик.
Актерската екипа на „Светот на Биби“ која веќе и е позната на јавноста ја сочинуваат: Слаѓана Вујошевиќ – Биби, Сашко Коцев – Боби, Сашка Димитриевска – мама Ана.