„Толку многу се трудам да бидам благодарна и позитивна и да гледам напред, но некои денови едноставно се такви што болат“, напишала на Инстаграм покрај својата фотографија на која плаче  Паулина Поришкова (55), поранешен супермодел и една од најубавите жени на светот во текот на 80-тите и 90-тите години.

Манекенката, исто така, признала дека се бори со депресивни фази во животот, но и дека стареењето тешко го поднесува.

„Често помислувам колку проклето е тешко да бидеш жена. Тешко е да бидеш жена над 50 години, затоа што те „‘исфрлуваат’“ од сите комбинации. Постои тој некој чуден период помеѓу – изгледаш прекрасно како Џеј Ло и изгледаш како Бети Вајт. Како да постои мртва зона помеѓу тие две работи, па потоа се обидувам да си го пополнам токму тој просторот… Вчера имав мал нервен слом, но веќе денеска сум многу подобро. На некој начин, тоа ме ослободува. Воедно, тоа и ме плаши затоа што тоа не го сакав, но морам да научам да летам користејќи ги сопствените крилја“, напишала Поришкова.

Неодамна таа на својот инстаграм-профил објавила и фотографија на која што позира целосно гола во знак на поддршка на британската актерка Елизабет Харли.

„Кога имав 20 и 30 години, колку помалку носев облека, толку попопуларна бев. Во 40-тите години можев да одам гола и немаше да добијам ништо повеќе од опомена за нарушување на јавниот ред и мир. На 50 години, ме навредуваат поради тоа. „Облечи се, бабо“, „Ова е очајно“, „Гладна си за внимание?“, „Патетична си“. Зошто на сексуалноста и голотијата се аплаудира само во текот на младоста на жената, а истата се навредува во нејзината зрелост? Поради мажите“, напишала Паулина.

Фановите ѝ оставиле коментари со поддршка под фотографијата, но изразиле и загриженост за психичкото здравје на поранешната манекенка.

Во последните неколку години, Паулина поминала низ тешки периоди. Во 2017 година, како што вели таа, се изморила од љубовта и побарала развод од музичарот и фронтменот на „Cars“,  Рик Окасек, но тие продолжиле да живеат заедно.

Двајцата се запознале во 1984 година додека снимале спот за неговата песна. Во тоа време, таа имала 19, а тој 40 години.

Додека нивниот развод бил во тек, Рик починал во 2019 година, а токму Паулина го пронашла неговото безживотно тело. Меѓутоа, следувал вистински шок кога дознала дека тој ја изоставил од неговиот тестамент и ја оставил без ништо.

„Тоа го направи процесот на тага прилично незгоден. Би сакала кога едноставно би можела да кажам дека ми недостасува, но сега истовремено се чувствувам и тажно и неверојатно изневерено. Никогаш нема да дознаам зошто дојде до тоа и тоа е навистина грозно чувство“, рекла манекенката.

Профимедиа