Иако претходно беше соопштено дека Романија ќе испрати авион „Херкулес 530“, сепак на скопскиот аеродром слета авионот „Спартан Ц-27“. Како и да е, ова е секако голема помош од Романија, преку НАТО системот. Според информациите од Министерството за одбрана овој авион е специјализиран за гаснење пожари и има капацитет од дејствување со 6 тони вода врз пожарите.
Наскоро се очекува да пристигне уште еден романски авион кој ќе донесе контејнери и дополнителна придружна опрема во поддршка на справувањето со пожарите. Веројатно овој авион е од тимот „Херкулес“ бидејќи според спецификациите тие се товарни авиони.
Поддршката од нашиот НАТО сојузник, Романија, во справувањето со огнените стихии дојде, по барањето на министерката Шекеринска до нејзиниот романски колега, Николае Јонел Чука за итна помош во справувањето со пожарите.