Македонски контингент од околу 280 војници со формациска опрема, вооружување и возила, меѓу кои и новите лесни оклопни возила JLTV денеска во штипската касарна „Јане Сандански“ беше свечено испратен на воената вежба „Saber Junction 25“ која се реализира во Хохенфелс, Германија.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој присуствуваше на настанот, на војниците им порача да бидат горди што ја носат армиската униформа и што ја преставуваат државата пред сојузниците.

„Ви посакувам многу здравје, покажете дека се носиме со сите земји и дека можеме да покажеме квалитет”, рече министерот. Додаде дека за секој предизвик Министерството и Армијата се подготвени да ја дадат сета потребна поддршка.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски порача дека за прв пат од постоењето на Армијата формација од ваков состав, зајакната чета со сите елементи на маневар, на борбена поддршка и на самоодржливост ќе биде распоредена на вежба.

Целокупните финансиски средства за учество во планирачкиот процес, подготовките, транспортот на персоналот и опремата, како и учеството на вежбата се обезбедени од буџетот на одбраната, што е доказ за посветеноста на Министерството на континуираното усовршување и увежбување на армиските припадници.

Македонскиот контингент, кој е најголем досега кој учествувал на оваа серија вежби, е дел од Лесната пешадиска баталјонска група, што претставува можност за дополнителна подготовка пред претстојното оценување на борбената готовност следната, 2026 година. Освен развојот на интероперабилноста со сојузниците, едни од главните цели на вежбата се и извежбувањето на начинот на распоредување на поголема единица надвор од територијата на државата преку реализација на стратегиски транспорт до местото каде што ќе се одржи вежбата како и самоодржливост и логистичка поддршка за време на реализацијата на вежбата.

На вежбата „Saber Junction 25“ која е во организација на Командата на американската армија за Европа и Африка, учество ќе земат голем број на сојузници од НАТО и партнери.