Екипа на порталот „Трибуна“ откри интересен натпис на камбанарија на селска црква во прилепско.
Самата црква е изградена во септември 1871 г, како што станува јасно од ктиторскиот натпис.
На натписот на камбанаријата јасно се читаат имињата на сите донатори, кои во тоа време биле емигранти во Америка, а потекнуваат од прилепските села: Селце, Варош, Ореовец, Стровија и др.
Сите донатори се наведени како Бугари емигранти во Америка и тоа јасно може да се види на фотографиите што ги направи нашата екипа.
Како автор на натписот се потпишал мајстор Д. Г. Т. Постарите прилепчани сè уште се сеќаваат на мајсторот каменорезец-уметник Димко Тавчија, автор на речиси сите натписи на крстовите на прилепските гробишта и цркви. Семејството Тавчиовски (во превод каменорезци), дало значајни луѓе на градот и државата, меѓу кои и неколку југословенски дипломати.
Натписот на камбанаријата на оваа стара егзархиска црква покажува дека макар и заминати во Америка, далеку од т.нар. „бугарска црковна пропаганда“, во 1910 г, во навечерието на Балканските војни, луѓето од наведените прилепски села во тоа време се сметале себе си за Бугари и немале проблем тоа да остане запишано за идните генерации.