Контроверзната идеја за згрижување на напуштени бебиња од улица, неодамна заживеа и во Белгија. Во Брисел е одобрена инсталацијата на таканареченото „поштенско сандаче за напуштени бебиња“, сè со цел бебињата што ги оставиле нивните мајки, да бидат безбедни се додека властите не ги згрижат.
Колкупати досега сме чуле дека новороденче било оставено на улица, покрај контејнер и дека починало затоа што никој не го нашол на време… Со цел да се избегнат таквите страшни случки, невладината организација Корвија во Белгија предложила решение. Имено, тие добија дозвола во Брисел за таканаречените поштенски сандачиња за напуштени бебиња. Идејата е дека мајките, кои поради која било причина не можат да го чуваат своето бебе, можат да го остават анонимно во таа кутија.
Како функционира?
Мајката, т.е. лицето што го напушта бебето треба да ја притисне вратата на кутијата, во која има топол тепих. Покрај местото се наоѓа плик со уникатен предмет, со кој подоцна мајката може да го најде бебето, доколку таа сака. Исто така, постои опција мајката да остави некои лични информации.
Благодарение на алармот за предупредување, лицето што е задолжено за згрижување на бебето се известува веднаш штом мајката ќе замине, а вратата автоматски се затвора додека не пристигне тоа лице.
Веднаш се повикува лекар кој треба да ја провери состојбата на бебето, а се известуваат и други надлежни служби.
Контроверзната иницијатива наиде на многу критики, но авторите на невладината организација велат дека целта не е да се охрабрат мајките да остават повеќе бебиња, туку да им се даде можност на мајките безбедно да ги остават своите деца, пишува EuroWeekleyNews.
Забраната издадена од поранешниот градоначалник, Пјер Мајле, беше поништена од Државниот совет, а поштенските сандачиња за напуштените бебиња се очекува официјално да бидат отворени на почетокот на октомври.
Слични вакви сандаци за оставање бебиња за првпат беа инсталирани во Антверпен, Белгија, и тоа пред 20 години, додека во САД се инсталирани околу 100 вакви системи во Флорида, Индијана, Охајо, Аризона и Арканзас.
Планот на иницијативата „Бебешки кутии-Безбедно небо“ на американската организација е да се намали бројот на смртни случаи на бебињата оставени на улица.