Црн формален костим со долги ракави според строгите протоколи и вел со кој се покрива главатa и на кој со глаголица е испишана реченицата „Зарем сонцето не нè грее сите“ беше изборот на Првата дама Елизабета Ѓоргиевска.
Таа заедно со Претседателот Стево Пендаровски отпатува во Рим, по повод чествувањето на Свети Кирил и Методиј, за време на официјалната посета на Ватикан, нa аудиенција кај Папата Франциск.
Елегантниот костим со симболична порака е креација на истакнатата македонска дизајнерка, Лидија Георгиева, која која континуирано соработува со Ѓоргиевска за специјалните пригоди.
„Костимот е збогатен со стилизиран вез инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи, поточно елемент од Псалтир со последование, коj датира од 16-ти век. Со стремеж за продолжување на традицијата во спој со современ дизајн, врвната естетика и духовен мир кои ги зрачи одбраниот елемент, заедно со комплицираноста на дизајнот на мотивот, значат креативен предизвик, но и огромна почит кон културното наследство.
Како поддршка на локалното производство, повторно се работеше со домашни изведувачи, а за изработка на овој вез е користена компјутерска технологија.
Од посебно значење е и симболиката вметната во везот на велот, во кој е содржана реченицата „Зарем сонцето не нè грее сите“, испишана на глаголица. Ова е референца на настанот во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј.
„Човече, кажи ни како си им ги создал на Словените книгите и ги учиш од нив, што досега никој не измислил, ниту апостолите, ниту римскиот папа“? А ние знаеме само три јазика на кои е достојно во книгите да се слави Бог – еврејски, елински и латински“. Кирил на тоа им одговорил: „Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво?“, стои во деталниот опис на Георгиева.