„Бидете внимателни, не правете никакви глупости кај пластичен хирург“, предупреди кинеската пејачка и актерка Гао Лиу. Таа со обожавателите сподели фотографии на кои нејзиниот нос е морничаво нагрден во пластичната операција.
Операцијата тргнала наопаку, па актерката завршила со некроза на врвот на носот, што значи дека ткивото изумрело. Затоа, со месеци не се појавувала во јавноста, објасни Гао Лиу на кинеската социјална мрежа Сина Веибо, каде има пет милиони следбеници.
Posted by ShanghaiEye on Thursday, 4 February 2021
Пластичната хирургија е многу популарна во Кина. Познатата актерка се обратила кај хирург во Гуангжу кој ѝ го препорача пријател.
„Целата постапка траеше четири часа. Мислев дека ќе станам поубава за овие четири часа“, напишала Гао Лиу. Наместо тоа, таа добила грда црна краста на носот.
Почеток на кошмарот
По пластичната операција, на Лиу ѝ рекле дека ќе може да се врати во јавноста во декември или најдоцна во јануари, но тоа не се случило. Носот ѝ бил иритиран, чувствувала пецкање. Потоа се инфицирал и повеќепати се воспалил. Кожата на врвот на носот станувала сè потемна. Работата испаднала толку страшна што дури помислила и на самоубиство. Таа на крајот завршила во болница, каде што престојувала два месеци, но нејзините маки сè уште не се завршени: поради сериозноста на компликациите, ќе мора да почека најмалку една година за реконструкција на носот, пренесува Би-би-си. Таа изгубила 62.000 долари поради операцијата.
Posted by ShanghaiEye on Thursday, 4 February 2021
Клиниката веќе била казнувана
Популарната вебстраница „Пејпр“ откри дека клиниката каде што била оперирана Гао била казнувана пет пати помеѓу март и октомври 2020 година, но не е јасно поради што. Откако актерката проговори за тоа искуство, неколку жалби на истата клиника биле поднесени до здравствените власти и истрагата е во тек.
Естетската хирургија е особено популарна меѓу младите Кинези. „Саут Чајна морнинг пост“, весник од Хонг Конг, објави дека речиси две третини од 20 милиони луѓе кои биле подложени на операција биле на возраст под 30 години, а секој петти бил постмилениумски, на возраст под 21 година. Многу матуранти се одлучуваат за пластична хирургија пред да одат на студии, верувајќи дека тоа ќе ги подобри нивните шанси за работа и љубов.
Posted by ShanghaiEye on Thursday, 4 February 2021
Но, поради тоа има и многу непрофесионални и нестручни операции. Но, пазарот и тука е посилен од државата: бројот на нелиценцирани клиники за пластична хирургија надмина 60.000, или шест пати повеќе од редовните клиники, пишува пекиншки „Глобал тајмс“.