Оваа година многу малку ѕвезди имаа можност да гостуваат на 93-тото доделување на Оскарите, или како номинирани или во служба на водители, а за жал, оваа година бевме лишени од внимателно избраната модна комбинација на велшката актерка Кетрин Зита – Џонс.
Па затоа, Кетрин реши на својот инстаграм-профил да сподели неколку од своите омилени фустани од црвените теписи од минатото.
На дури четири манифестации на доделувањето на Оскарите – 1999, 2001, 2003 и 2004 година – велшката убавица и сопруга на холивудскиот актер Мајкл Даглас, Кетрин Зита-Џонс носела креации на брендот „Версаче“.

Актерката се пофали и со креацијата од 2013 година кога му ја даде довербата на либанскиот дизајнер Зухаир Мурад, а тој несомнено го оправда тоа.

По серијата од пет фотографии од црвениот тепих, актерката го сподели со своите обожаватели и годинешниот стајлинг, за 93-то доделување на Оскарите што ги следеше – пред малите екрани.

Бидејќи не беше меѓу номинираните, а не беше ни поканета да биде презентер на некоја награда, Кетрин Зита-Џонс го следеше годинешното доделување на наградите во свилени пижами – судејќи според фотографијата што ја сподели.