Поранешната олимпијка и ријалити ѕвезда Кејтлин Џенер сериозно се подготвува за кандидатурата за гувернерка на Калифорнија, а тоа го сподели и на социјалните мрежи на кои очекува и голема поддршка од нејзините фанови и пријатели.

Џенер е републиканка која сака да го замени досегашниот гувернер, демократот Гавин Њусом , кој беше избран во 2018 година, а оваа година му претстојат избори за отповикување.

Џенер изјавила дека Калифорнија е нејзин дом веќе 50 години и дека вреди да се бори.

„Дојдов тука затоа што знаев дека секој, без оглед на потеклото или позицијата во животот, може да ги претвори своите соништа во реалност“, се наведува на нејзината веб – страница за потребите на кампањата.

Кејтлин Џенер е истакната републиканка која порано го поддржуваше поранешниот претседател Доналд Трамп, а сега очекува дека би можела, исто како и Шварценегер, да привлече големо внимание на јавноста кон трката да ја води најнаселената држава во САД.

Патем, Кејтлин Џенер е родена како Вилијам Брус Џенер, кој беше олимписки шампион во десетобој.

Во меѓувреме, го промени полот и од 2015 година се декларира како жена.

Кејтлин ги има ќерките Кајли и Кендал Џенер, од бракот со Крис Џенер, а сите заедно беа дел од реалното шоу „Keeping Up With the Kardashians“.