35-мина граѓани на Авганистан кои привремено престојуваа во Северна Македонија денеска заминаа за Грција која им обезбеди трајно прибежиште.
Групата ја сочинуваат активисти за човекови права и женски права и членови на нивни семејства. Во изминатиот период нашата земја им обезбеди привремено засолниште како дел од големата меѓународна операција за помош на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти и нивни семејства, а се под закана на новиот талибански режим во земјата.
Во земјава престојуваат 407 граѓани од Авганистан.
Институциите, во текот на нивниот престој им ја пружаат целата потребна поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.