Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер е во завршна фаза од подготовките за вториот дел од сезоната, а на последниот тренинг пред заминувањето за Хрватска имаше „неочекуван“ гостин.
Поранешниот македонски репрезентативец, Ацо Јоноски, кој својата ракометна афирмација ја имаше токму во Битола, по подолго време се врати во салата „Боро Чурлевски“ и им посака среќна и успешна полусезона на ракометарите на Жељко Бабиќ.
40-годишниот стружанец во минатото со успеси го носеше дресот на Пелистер, а беше дел од „златната генерација“ на битолскиот клуб која во 2002 година играше финале во ЕХФ Челинџ Купот.
Еурофарм Пелистер в сабота им се враќа на натпреварите на меѓународна сцена, со гостување кај ППД Загреб во СЕХА лигата, додека на 10 и 11 февруари ќе го пречека тимот на Татабања во рамки од Европската лига.