Вчера, околу триесет деца, придружени од нивните родители, учествуваа на спортската дружба со македонскиот атлетичар Кокан Ајановски. На настанот, дел од проектот „На одмор сум, во Центар сум“, децата од Центар имаа шанса да учат за атлетиката како спортска дисциплина, да трчаат и да се забавуваат покрај Кејот на Вардар, извести општина Центар.
Родителите ја поздравија активноста што ја организираше Општина Центар, која ги поттикнува центарските деца да бидат активни и да го поминуваат летото на креативен и здрав начин. Атлетиката и трчањето, како основни спортови, не само што помагаат за физичката кондиција, туку ја развиваат и самодовербата, дисциплината и тимскиот дух, што е клучно за развојот на младите, велат од Општината.
„Со овие активности се обидуваме да понудиме нешто повеќе за нашите млади центарци. Спортот е најдобриот начин да растат активни и здрави, а ваквите настани се важен дел од нивниот развој. Се радувам што имавме одлично присуство и енергија. Ќе продолжиме да ги поддржуваме ваквите активности и во иднина. Благодарност до нашиот Кокан Ајановски и Паблишер за соработката, на дечињата им приредивме убава спортска дружба“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Проектот „На одмор сум, во Центар сум“ продолжува со нови активности овој месец со културни и рекреативни содржини за децата кои го поминуваат летото во Центар, во Скопје.
Текстот (Фото) Герасимовски: Спортот ја развива кондицијата, дисциплината и спортскиот дух, децата спортуваа со Кокан Ајановски е превземен од МАКФАКС.