Фронтменот на „Електричен оргазам“, рокер и автор на легендарните хитови коишто сè уште ги пее цела поранешна Југославија, Срѓан Гојковиќ Гиле, во една прилика откри дека будизмот му помогнал да го пронајде својот пат во животот и да се справи со стресот, пишува „Курир.рс“.
– Секако дека вежбата на будистичката медитација е на некој начин запознавање со самиот себе, бидејќи вниманието е свртено навнатре. Нашето внимание е свртено надвор во сите животни ситуации, освен во медитацијата. Со неа се насочуваме кон внатрешната, духовната содржина. Се запознав себеси на поинаков начин: подлабоко отколку што самиот себе се познавав пред да започнам да се занимавам со тоа. Тоа, секако, ми помогна и ми ја олесни егзистенцијата, соочувањето со моето вистинско јас – рекол легендарниот музичар за српски „Блиц“.
Музичарот, кој со децении успешно опстојува на рок-сцената, пред осум месеци ја доби ќерката Тара. Од бракот со Патриција го има и десетгодишниот син Урош. Иако неговите наследници растат во сосема поинакво време од неговото, Гиле нема стравови.
– Се трудам да не негувам стравови затоа што повеќето работи се надвор од нашата контрола. Иако ние негуваме илузија да го контролираме својот и животот на нашите деца, тие се, всушност, надвор од нашата контрола. Тоа, се разбира, не значи дека им дозволувам на децата да прават што ќе посакаат. Ако зборуваме за децата, треба да им се даде љубов, внимание, слобода и да ги пуштиме да се развиваат со својот ритам. Јас не сум од оние родители кои се обидуваат да направат копија од себе. Ме прашуваат: „Дали тие сакаат да свираат?“ Не, тие се мали. И, ако не сакаат, тоа е нивна работа. Немам намера да влијаам на тоа – објаснува Гиле.
Иако живееше во странство, и благодарение на неговата работа имаше можност да посети многу дестинации, Гиле на прашањето каде надвор од Србија може да си го замисли својот живот одговорил:
– Не размислував за тоа каде би можел да живеам. Би можел на разни места. Ги посетив Азија, Тајланд, Бурма, Америка, Англија … Би можел да живеам секаде. Човекот го носи умот со себе каде и да оди. Оваа сценографија се менува, а она што го носите во вас е вашиот вистински дом. Каде и да го однесете, вие сте на некој начин дома – објаснува музичарот.