Нарачајте од готвените јадења како македонска тава, селско месо, слатко грне, вкусете од домашната пита, од макалата… И дишете, изнадишете се чист воздух.

За оние кои сакаат да избегаат за викенд од градот, особено во потоплите денови пред нас, еве ви една супер идеја – ви го откривме етно ресторанот „Ранч“, кој се наоѓа во општина Ранковце на патот што води кон Крива Паланка. Ресторанот е оддалечен 40 километри од Куманово, а 70 километри од Скопје.

Фото: Приватна архива

Тука, ќе се ослободите од вашите негативни мисли, од стресовите, и ќе уживате во врвните домашни специјалитети и во пријатниот домашен амбиент.

– Самата локација е интересна зашто нуди дополнителни поволности за прошетка, на пример, не ги заобиколувајте манастирот „Св.Троица“ во село Петралица, како и вештачкото езеро Отошница, кое се наоѓа во истоименото село, а на само 8 километри од ресторанот „Ранч“ – објаснува нашата соговорничка Славица Смилевска, управителка на ресторанот.

Фото: Приватна архива

Славица вели дека идејата и локацијата се случиле спонтано, поттикнати од нејзиниот татко и тоа во потрага по соодветно место за одгледување пчели. И ете, сега објектот успешно постои веќе осма година, а сопствениците може да се пофалат со задоволни посетители не само од кај нас, туку и од сите страни на светот. Ах, да не заборавиме, „Ранч“ е нешто и како воздушна бања во дабова шума сместена во недопрена природа, амбиентот е толку многу сплотен со природниот амбиент што се добива впечаток дека сте отпатувале во минатото.

Надворешниот дел располага со 7 хектари, односно, доволно простор за прошетка, одмор и рекреација. На оваа површина има и соби за одмор, езеро, мини Зоолошка градина и голем број патеки за прошетка во природа.

Фото: Приватна архива

И на дечињата ќе им биде суперинтересно тука – има посебно катче каде што може да си играат и да си уживаат дружејќи се заедно.

Ама ете, доаѓаме и до нешто многу важно. Ја прашуваме Славица за ммм…, „амкањето“.

– Го задоволуваме вкусот на секој гурман. Располагаме со голем избор на вкусни специјалитети од кои ја издвојуваме македонската традиционална храна, а нудиме и свежо подготвена риба. Наша топла препорака се домашен ајвар и домашна пита кои се подготвени од вештите раце на нашите готвачи, како и голем избор на готвени јадења како македонска тава, селско месо, слатко грне, ладни предјадења, макала и крем салати. Вештината за подготвување на традиционални јадења е гурманска уметност, за уживање на сите сетила – љубезно ни објаснува Славица.

Местоположбата на ресторанот „Ранч“ нуди можност за посета на повеќе знаменитости.

– Во непосредна близина на ресторан се наоѓа манастирот посветен на пустиножителот и чудотворец св. Јоаким Осоговски, и камените –карпести кукли кај с.Куклица – завршува нашата домаќинка Славица.

Фотографии од специјалитетите на „Ранч“:

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива