Првиот вицепремиер на Северна Македонија, Артан Груби втор ден е во официјална посета на Албанија. Имаше средби со високи функционери, но и лидери на политички партии. Се сретна и со премиерот на Албанија, Еди Рама. Заедно се фотографираа држејќи ливче со веб страницата за самопопишување на нашите иселеници. Со ова и Еди Рама се вклучи во кампањата за пописот во Северна Македонија.
На средбата Груби кажал дека меѓу двете земји немало и нема ниедно отворено прашање, напротив, „скоро сите успеси ни се заеднички, и чекорот кон членството во НАТО и дури сега патот кон интеграцијата во Европската Унија“.
„Груби и Рама разговараа и за спорот што во последните месеци се реактуализира меѓу Северна Македонија и Република Бугарија, при што се согласија дека проблемите и отворените прашања меѓу соседите треба да се надминат само преку дијалог“, се наведува во соопштението.
На средбата се разговарало и за Коридорот 8, проект кој, според Рама е приоритет на албанската Влада бидејќи е во интерес на земјата, но и на целиот регион, а Груби информирал дека во Македонија се работи на завршување на изградбата на овој коридор.