Денеска, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, го ставија во функција новиот Центар за услуги наменет за грѓаните на Штип и околината.
„Претставува исклучителна важност за нас како Министерство за дигитална трансформација што од одличната соработка со општина Штип, произлезе овој нов проект, нов Центар за услуги кој истоврмено е и меѓу првите во Македонија што го правиме во соработка со општините“, истакна Андоновски.
Министерот додаде дека вработените во министерството кои се од територија на градот Штип, од денеска се ставени во функција на граѓаните со цел поголема достапност на граѓаните до поголем број на административни услуги.
„Луѓето кои што се вработени во Министерството за дигитална трансформација одговорни за Штип ќе им издаваат административни услуги на граѓаните, токму тука, ова е еден вид собирање на сите услуги кои што се достапни на порталот да бидат достапни на граѓаните на едно место“.
Тој додаде дека интензивно се работи на нови услуги на националниот портал и наскоро очекува да се приклучат и останатите институции со цел граѓаните да имаат поголема корист и да заштедат на време.
„Мислам дека граѓаните ќе го препознаат ефектот на доближување на услугите до нивното место на живеење, и оние кои не се подготвени за онлајн аплицирање, тоа можат да го сторат со помош на вработените во овој Центар за услуги“, заклучи министерот Андоновски.
Андоновски го изрази и своето задоволство од соработката со општина Штип, и најави нови заеднички проекти помеѓу Министерството за дигитална трансформација и општина Штип.