Ги живееме последните денови на оваа апсурдна 2020 година, и ако има нешто убаво што може да се каже, нешто што отскокнува во оваа сурова година, тоа се исклучителните жени кои направија големи работи.
Кристина Арнаудова Петровски, поп пејачка, хуманитарка, претседателка и основач на „Проект Среќа“
Со својот „Проект Среќа“, Кристина Арнаудова Петровски успеа на многу семејства да им донесе среќа и во оваа кризна година – неуморно организирајќи бројни хуманитарни акции, од обезбедување школски прибори и опрема за учениците до реконструкција на домови и обезбедување „топол дом за сите“ преку реновирање на тоалети на семејства со деца кои немаа тоалети или пак тоалетите им беа без основни услови за хигиена. На децата им донесе насмевки и преку детското драмско студио Неверленд, но и со храна до секое семејство, особено за време на празниците. И тука не застана, туку тргна во реализација на уште поголем проект – „Проект куќа“, чија цел е да се усреќат семејствата чии деца немаат услови за живот. Со помош на пријатели, волонтери, добри луѓе, општествено одговорни компании, успеа да ја сними првата пилот емисија „Проект куќа“, односно првата куќа што ја направи.
Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија на РСМ
Функцијата директорка на Националната галерија на РСМ д-р Дита Старова Ќерими со особен успех ја извршува од 2015 година, но таа е и афирмирана академска сликарка и педагог, доцент на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје. Под нејзино раководство Националната галерија прва го организираше своето работење и во време на карантин поради пандемијата на коронавирусот виртуелно беше презентирано уметничкото богатство на галеријата, а беше реализиран и видеопроектот „Уметнички дневници“. Во втората половина на годината во трите објекти на галеријата беа поставени низа изложби на домашни уметници, како Атанас Атанасоски, Решат Амети, Моника Мотеска, Биљгаип Кочиште-Биге. Галеријата првпат го организираше и конкурсот за зрел и млад уметник, а победници на конкурсот се Роберт Јанкулоски, Викторија Попоска и Дарко Комненовиќ. Во однос на индивидуалното творештво Дита Старова Ќерими се претстави со заедничкиот проект „Граници“ со Шќипе Мехмети, додека за изложбата „Булки“ ја доби наградата „Вангел Коџоман“ на Културно-информативниот центар во Скопје.
Дороти Пачкова, претседателка на здружението „Една може!“
Родовата професорка и претседателка на здружението „Една може!“ – граѓанска организација за унапредување на правата на еднородителските семејства, во најголема мера на самохраните мајки, годинава работеше со полна пареа. И самата Дороти се сеќава дека 2020 година била година во која најсилно биле притиснати да дојдат до израз, онакви какви што се, а при тоа да се остане здрав и жив.
– Организациски пораснавме неколку педи преку работа на терен, беа споделени над 300 директни донациски пакети, а насочени и овозможени над 3.000 донации во најразлични форми низ платформата на „Една може!“, преку реализирани активности за транспарентност и отчетност на организацијата, нов веб-сајт, отворени денови за членство, услуги за бесплатна правна поддршка, вмрежување со други капацитетни граѓански организации, коалиции и кооперативи, децентрализација во уште три региони, нови канцеларии и дадени шанси на абициозни, ангажирани активистки, и конечно интернационална феминистичка мрежа за поддршка на девојки и жени од маргинализирани категории со инпут од цел Балкан – објаснува Дороти.
Накусо, „Една може!“ беше ангелот чувар на еднородителските семејства за време на ковид-кризата, а на самиот крај од годината, во декември, активистките влегоа во Собранието со предлог-закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.
Билјана Црвенковска, писателка и сценаристка
Оваа 2020 година за писателката и сценаристка Билјана Црвенковска беше година на нови серии и нови книги, на награди и признанија. Најголемиот успех е наградата добиена на Скрипт пул ТВ (Script Pool TV) натпреварот во рамки на Индустри Талин & Балтик ивент (Industry Tallinn & Baltic event), дел од Блек најтс филм фестивал (Black Nights Film Festival) во Талин – за сценариото на серијата во развој „Кога паѓаш“ во соработка со ОХО-продукција. Романот за деца „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ доби четири признанија, а со награди се закитија и две сликовници од серијалот на „Светот на Биби“, кој имаше и успешна нова сезона анимирани филмови. Првиот роман за возрасни, „Девет приказни за госпоѓица Сит“, влезе во најтесен избор за наградата Роман на годината на фондацијата „Славко Јаневски“. Се емитуваше и првата сезона на серијата „Зоки Поки“ и новата сезона на „Пет плус фамилија“. Нејзино најдраго чедо во 2020 година е можеби првото е-списание за деца „Чудна шума“, кое доживеа огромен успех кај публиката – и кај децата и кај родителите.
Саша Евтимова, балерина и кореографка
Во април, за време на велигденските празници, додека траеше домашната изолација, балерината и кореографка Саша Ефтимова многу пријатно нè изненади, а и длабоко нè допре, со емотивниот балетски перформанс изведен со заштитна маска и ракавици на покрив од зграда во центарот на Скопје. Настапот беше документиран од Доријан Миловановиќ и носеше надеж во едно крајно безнадежно време.
– Времето со кое се соочуваме е комплицирано и ограничено, но и покрај сè ни дава слобода да се изразиме. Позитивната страна во ова време е што мораме да размислуваме „outside the box“, додека сме „inside the box“, и да пронаоѓаме различни простори, сцени за самоизразување. Животот каков што го знаеме никогаш не бил нормален. Дури и во оние периоди за кои сме сметале дека биле мирни, спокојни, се покажа дека тие времиња биле полни со тивки аларми, кои чекале да еруптираат. Преку танц се ослободуваш, се изразуваш, поврзуваш, танцот дава надеж, а сите овие работи ни требаат сега повеќе од кога било. Трансформацијата е основна вредност, но исто така нашата мисија е упорна, издржлива, одржлива и апсолутно суштинска – ни рече Ефтимова.
Маја Бабиќ, претприемачка и претседателка на новата Асоцијација ИВАП
Вели дека 2020 година била веројатно најтешката година во нејзината кариера. Поради пандемијата настаните беа забранети и беше невозможно да се работи. Но, оваа година на претприемачката Маја Бабиќ, од друга страна, ѝ донесе и многу нови предизвици. Беше прогласена за менаџер на годината за 2019 година од страна на „Марили“. Заедно со колегите ја основаше Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП, а таа ја доби честа да биде нејзин прв претседател. Се изборија да се донесат протоколите за враќање на настаните и нивно одржување. Се изборија да ги слушнат и да разберат дека постојат, а пред нив е борба за помош на ивент-индустријата и евентуално рестартирање. Годинава, заедно со „Мунлајт“ и Маја Лазаревска, Маја Бабиќ го создаде дневното телевизиско шоу „Готвиме со Маја“, кое се емитува секој ден во 19.30 часот на ТВ 24.
– Сите овие месеци работиме во крајно тешки услови, со строги протоколи, но и покрај тоа успеваме да испорачаме квалитетен и сè повеќе гледан производ. 2020 година ќе ја запаметам како исклучително тешка, но и многу мотивирачка година – ни рече Маја.
Првиот дел од написот 12 исклучителни жени кои ја обележаа 2020 година прочитајте го – ТУКА.