Легендата на бугарскиот фудбал – Христо Стоичков, сподели дека за време на првиот благотворителен настан на фондацијата „Национали 94“ се собрани 112.000 лева. Станува збор за натпреварот што се одигра вчера во Варна помеѓу ѕвездите на Бугарија и ѕвездите на Северна Македонија. Идејата беше преку овој настан да се соберат пари за жртвите од трагедијата во Кочани, јавува Трибуна.

„Еден исклучително емоционален ден! Првиот благотворителен настан на фондацијата „Национали 94“! Фудбалот повторно покажа дека е посилен од сè! Собравме 112.000 лв. за благородната кауза – погодените од пожарот во Кочани. Ви благодарам на моите пријатели Горан Пандев и Ѓоко Хаџиевски што веднаш прифатија на поканата! Патот на Четвртите во светот продолжува“, напиша Стоичков на социјалните мрежи.

Потсетуваме дека веднаш по натпреварот во недела, кој го добија ѕвездите на РС Македонија со 3:2, Стоичков сподели дека се предвидени уште многу вакви натпревари во секоја точка на Бугарија. Меѓу поканетите за септември во Пловдив е и екипата на Италија.