Фондацијата „Единство“ – Кочани испрати отворено писмо до клучните бугарски институции, изразувајќи благодарност за поддршката и хуманата помош што Бугарија ја пружи во времето на пожарот во Кочани. Во писмото, фондацијата ја истакна улогата на младите лекари – македонски државјани кои се образовале во Бугарија и кои активно учествуваа во спасувачките и медицинските операции, јавува Трибуна.
Според фондацијата, оваа конкретна помош, е уште еден доказ за силните врски меѓу двата народа, но и потребата од дополнителни чекори за поддршка на иднината – младите кои сакаат да се образуваат во Бугарија.
Во писмото, упатено до бугарскиот Претседател, Владата, Министерството за образование и наука, Министерството за надворешни работи, Комисијата за образование во бугарскиот парламент, Амбасадата на Бугарија во Северна Македонија и Извршната агенција за Бугарите во странство, фондацијата инсистира на зголемување на бројот на места за македонски студенти во бугарските универзитети, особено во областите: медицина, стоматологија и фармација.
„Ова не е само во интерес на македонските студенти, туку и на самата Бугарија, која преку овие кадри ги зајакнува своите здравствени институции, а истовремено создава амбасадори на бугарското образование и култура“, се наведува во писмото.
Фондацијата ја нагласува улогата на македонските лекари кои, по завршувањето на образованието во Бугарија, остануваат да работат таму или се враќаат во Северна Македонија, носејќи висок стандард на стручност.
„Тие се живи примери за успешна соработка и доказ дека високото образование во Бугарија ги подготвува студентите за современите предизвици во здравствената заштита“, се вели во писмото.
Фондацијата „Единство“ – Кочани верува дека предлогот ќе биде прифатен, бидејќи е во духот на европската интеграција, балканското единство и меѓусебната помош.
„Со оваа иницијатива, ние не бараме само зголемување на квотите – ние градиме мост за подобра иднина за младите генерации“, стои во писмото потпишано од Столе Велков, претседател на фондацијата.
Ви го пренесуваме целосниот текст на писмото без уредничка интервенција:
Отворено писмо до Бугарските институции
од Фондација Единство – Кочани, Република Северна Македонија
До:
- Претседателството на Република Бугарија
- Владата на Република Бугарија
- Министерството за образование и наука на Република Бугарија
- Министерството за надворешни работи на Република Бугарија
- Комисијата за образование и наука при Народното собрание
- Амбасада на Република Бугарија во Р.С. Македонија
- Извршна агенција за Бугарите во странство
Почитувани дами и господа,
Ние, од Фондација Единство – Кочани, изразуваме искрена благодарност до бугарската држава, бугарските лекари и целиот медицински персонал за непроценливата помош и поддршка што ја пруживте на настраданите од пожарот во град Кочани. Вашата брза и професионална реакција, како и вашата посветеност во овој тежок момент, се доказ за хуманоста и солидарноста меѓу двата народа.
Поводот за ова писмо не е само уште еден доказ за нераскинливата врска меѓу народите на Република Бугарија и Република Северна Македонија, туку и реалната потреба од конкретни дејства во поддршка на нашата иднина – младите луѓе кои го избираат образованието како пат кон посветеност, професионализам и заемна помош.
Во текот на неодамнешната акција за справување и понатамошно спасување на настраданите од пожарот во Кочани, важна улога во тимовите на итната помош и здравствените установи имаа млади лекари, родени во Република Северна Македонија, но со образование стекнато во Република Бугарија. Тие не само што покажаа професионализам и хуманост, туку и докажаа дека нивниот избор – да се образуваат во Бугарија и да останат таму да работат – претставува придонес не само за бугарското општество, туку и за нивните родни краишта.
Истовремено е факт дека Бугарија се соочува со сè поголема потреба од млади лекари и медицински кадар. Сегашните демографски и социјални предизвици бараат далекувидна политика за привлекување и задржување на квалификувани стручњаци, особено во здравството.
Во овој контекст, ние од Фондација Единство – Кочани, инсистираме и предлагаме:
Да се зголеми бројот на местата што ги одобрува Министерството за образование и наука на Република Бугарија за кандидат-студенти од Република Северна Македонија, со приоритет во студиските програми „Медицина“, „Стоматологија“, „Фармација“ и сродни, според предвидените уредби за образование, а токму уредба бр. 103/1997 и уредба бр. 228/1999.
Овој предлог не е само во интерес на оние кои сакаат да студираат во бугарските високообразовни институции. Тој е и во интерес на самата Република Бугарија, која преку овие млади луѓе добива квалификувани професионалци, емоционално и културно поврзани со бугарската држава и народ. Завршените студенти кои остануваат да работат во Бугарија стануваат не само амбасадори на медицинското образование во земјата, туку и на самата Бугарија во Република Северна Македонија. Нивното позитивно искуство и професионалност се доказ за висококвалитетното образование што го нуди Бугарија.
Убедени сме дека оваа мерка ќе биде прифатена со разбирање и ќе наиде на широка поддршка, бидејќи е во духот на европската солидарност, балканското единство и човечката заемна помош.
Со почит и благодарност,
Претседател на Фондација Единство – Кочани
Столе Велков