Утре во Скопје пристигнува претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамките на нејзините посети предвидени на 6 земји на западен Балкан.
Таа ќе биде примена од премиерот Зоран Заев. Според агендата, предвидено е двете делегации да одат до Младинскиот културен центар, а потоа и во кино „Фросина“, каде што ќе се одржи заедничка конференција.
Европската комисија не го откри правецот на утрешните разговори или дали ќе има пораки за Бугарија, но потсетуваме дека пред неколку дена, портпаролот на ЕК, Ерик Мамер предупреди дека Фон дер Лајен во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија.
Исто така, се очекува да се сретне со претседателот Стево Пендаровски, а ќе присуствува на вечерата што ја приреди Претседателот во присуство на Претседателот на Собранието Талат Џафери.
Од друга страна, за среда е најавено доаѓањето во Скопје на комесарот за проширување, Оливер Вархелји.
Програмата на посетата се уште не е дефинирана, но сигурно е дека ќе се сретне со премиерот Заев. Вархелји минатата недела беше во Бугарија за да разговара за надминување на бугарската блокада за започнување на преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ.