Портпаролот на Европската Комисија, Ерик Мамер, потврди дека претседателката Урсула фон дер Лајен идната недела во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија.

Портпаролот не беше во можност да даде повеќе детали, и рече дека прашањата ќе бидат одговорени на прес конференциите кои ќе се одржат во регионот.

Фон дер Лајен од 28 до 30 септември ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан почнувајќи од Албанија и Северна Македонија. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“ туку прилика да се разговара за односите на ЕУ и регионот. Шефицата на Европската Комисија ќе го посети регионот една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи на шести октомври во Словенија со лидерите од регионот.