Откако шефовите на држави или влади на членките на ЕУ во четвртокот вечерта нешто пред полноќ со квалификувано мнозинство ја номинираа за местото претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен сега за да биде реизбрана на функцијата треба да обезбеди и апсолутно мнозинство гласови во Европскиот парламент.

Фон дер Лајен беше предложена за реизбор во рамки на договорениот пакет меѓу Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“, во чии рамки и поранешниот португалски премиер Антонио Кошта беше избран за нов претседател на Европскиот совет, а естонската премиерка Каја Калас беше номинирана за кандидатка за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ЕПП, СД и РЕ заедно имаат 399 пратеници или 38 повеќе од потребните 361 глас за апсолутно мнозинство за реизбор на Фон дер Лајен.

Иако по официјалната номинација Фон дер Лајен изрази оптимизам дека гласовите на европратениците на ЕПП, социјалдемократите и либералите ќе бидат доволни за нејзин реизбор, сепак поучена од искуството од 2019 година, таа не може да биде сигурна дека сите овие 399 пратеници ќе ја поддржат нејзината кандидатура, имајќи пред вид дека гласањето е тајно што им овозможува на европратениците да не ги почитуваат насоките на групите на кои им припаѓаат.

Европскиот парламент на денешната пленарна сесија во Стразбур нагласи дека мора да се дадат гаранции за заштита на граѓаните, а потоа ја даде својата согласност за договорот за излез на Обеди

При нејзиниот прв избор за претседателка на Европската комисија во 2019 година Фон дер Лајен доби 383 гласа, иако во тоа време трите групи што застанаа зад нејзината кандидатура имаа 442 пратеници. Таа беше избрана благодарение на гласовите на „неврзаното“ италијанско Движење Пет ѕвезди (М5С) и неколку помали партии, откако за неа не гласаа и дел од пратениците на нејзината ЕПП.

Сега исто така има најави дека европратениците на француската партија Републиканци (ЛР) одново нема да ја поддржат нејзината кандидатура, а можно е тоа да го направат и дел од нивните колеги од шпанската Народна партија (ПП), кои ја сметаат Фон дер Лајен за „премногу блиска“ со шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез. И ЛР и ПП се членки на ЕПП. Поради „други причини“ за нејзиниот реизбор може да не гласаат и некои од европратениците на СД и РЕ.

Затоа, според извори во Европарламентот, Фон дер Лајен уште во текот на минатата недела имала средби со лидерките на социјалдемократите и на либералите, Ираче Гарсија и Валери Ајер, но и со некои „клучни поединци“ меѓу европратениците.

Таа по четврточниот Самит изјави дека искуството покажува дека одлуката за тоа како ќе се гласа често ја носат националните партиски делегации, па затоа нема да се фокусира на преговори само со групите на социјалдемократите и либералите, туку и со „одредени делови од другите политички групации“.

Претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен  денеска ќе сведочи пред Одбор на германскиот Парламент што истражува дали имало престапи во ангажирањето надворешни експерти во Мини

Фон дер Лајен не прецизираше кои се тие „делови од другите групации“ со кои планира да разговара, повторувајќи дека тие треба да бидат ориентирани „проевропски, проукраински и про-владеење на правото“. Таа дополни и дека е подготвена да разговара со секого кој ќе ја покани да му ги претстави нејзините „политички насоки“.

Уште во текот на кампањата за Евроизборите, претставници на ЕПП посочуваа дека е можна соработка со некои „поумерени членки“ на десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), како Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони и Граѓанската демократска партија (ОДС) на чешкиот премиер Петр Фиала.

Фиала на Самитот на ЕУ ја поддржа кандидатурата на Фон дер Лајен, додека Мелони се воздржа од гласање. Тројцата европратеници на ОДС може не би промениле многу при гласањето, што не е случај со 24-те членови на Европарламентот од редовите на ФДИ.

Евентуалниот договор со Мелони за поддршка на нејзиниот реизбор во замена за „важно“ еврокомесарко место поврзано со економските ресори за Италија и именување на кадар на ЕЦР за извршен потпретседател или потпретседател на Европската комисија, како што бара италијанската премиерка, би претставувал меч со две острици за Фон дер Лајен, бидејќи таквата „соработка“ би можела да предизвика незадоволство кај дел од европратениците на „коалициските партнери“, пред се на социјалдемократите, кои во тој случај не би ја поддржале при гласањето во Европскиот парламент.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска од Лампедуза ги повикаа европските партнери да и помогнат на Италија во управувањет

Затоа за Фон дер Лајен „побезболна“ варијанта би била да бара поддршка од групата на Зелените, кои не ги кријат амбициите за станат „рамноправен партнер“ во т.н. „проверопско мнозинство“.

Германскиот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц по завршувањето на Самитот во раните утрински часови во петокот изрази оптимизам дека Фон дер Лајен ќе ја добие потребната поддршка во Европарламентот и дека нема потреба „да се занимава со десницата“.

– Јас сум цврсто убеден дека е добро ако партиите кои се дел од десничарските популистички партиски семејства не бидат основата на оваа поддршка, изјави Шолц, додавајќи дека „барем делумно треба да се очекуваат“ и гласови на Зелените за реизборот на Фон дер Лајен.

Неофицијално, како датум на кој Европарламентот би гласал за реизбор на Фон дер Лајен се споменува 16 јули.