Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, издаде остро предупредување дека неодамнешните политички превирања, особено војната во Украина и глобалните трговски конфликти, трајно и неповратно го преобликуваа светскиот поредок. Таа го одржа својот говор на Универзитетот Кејо во Токио, каде што ѝ беше доделена почесна докторска титула.

„Не можеме едноставно да прифатиме да бидеме потресени од сеизмичките промени со кои се соочуваме, ниту да се вратиме во заблудата дека бурата ќе помине и сè ќе се врати во нормала ако заврши војната во еден регион, се постигне царински договор или следните избори завршат поинаку“, рече шефицата на Комисијата.

Таа нагласи дека геополитичките струи се едноставно премногу силни, а темелите на безбедноста и просперитетот на Европа станаа опасно несигурни.

„Почетната точка е да се соочиме со светот каков што навистина е, а не каков што можеби го паметиме од минатите генерации“, додаде таа.

„Убедена сум дека периодот во кој се наоѓаме сега и начинот на кој се справуваме со него, ќе го дефинираат остатокот од овој век.

Европа го засилува својот ангажман. Во последните недели и месеци, изнесовме предлози за инвестирање во сопствената одбрана на нивоа што би биле незамисливи дури и пред една или две години“, рече таа. „Претставивме план со вистински инвестиции за да ги ставиме индустријата, иновациите, технологијата и науката во самото срце на нашата економија.“

Фон дер Лајен им се придружи на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, во Токио на самитот ЕУ-Јапонија.

Фото: принтскрин

Текстот Фон дер Лајен: Светот се промени засекогаш, мора да се соочиме со вистината е превземен од МАКФАКС.