Премиерот Димитар Ковачевски со највисоки државни почести ја пречека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која е во официјалната посета на државава.
Веднаш по церемонијата Ковачевски и Фон дер Лајен се упатија на тет-а-тет средба во Владата, по која ќе следува билатерална средба на двете делегации.
Во составот на македонската делегација се бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за транспот и врски Благој Бочварски, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и министерот за информатичко општество Азир Алиу.
По средбите Ковачевски и Фон дер Лајен ќе одржат прес-конференција по која ќе посетат фабрика за преработка на овошје и зеленчук во близина на Скопје, корисник на средства од ИПАРД програмата финансирана од ЕУ.
Претседателката на Европската комисија вчера попладне допатува во Скопје, а на Меѓународниот аеродром беше пречекана од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, по што имаше средба во вила Водно со претседателот Стево Пендаровски.
Според соопштението од претседателскиот Кабинет, Пендаровски и Фон дер Лајен разговарале за процесот на пристапните преговори на земјава за членство во Европската Унија, за актуелните политички случувања во Северна Македонија и за тековните состојби во регионот, и во таа насока биле разменети информации за натамошните фази во преговорите по завршување на скриниг прoцесот и за динамиката на спроведување на реформите.