Предлогот за гласање недоверба на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не ја доби потребната поддршка на пленарната седница на Европскиот парламент, која се одржува во Стразбур оваа недела. Гласањето беше емитувано во живо на официјалната веб-страница на парламентот.

Според официјалните резултати, 165 европратеници гласаа за иницијативата, 390 гласаа против, додека 10 европратеници беа воздржани. Така, убедливото мнозинство против предлогот уште еднаш ја потврди стабилната поддршка на актуелната претседателка на Европската комисија во рамките на најголемите политички групи во Европскиот парламент, пренесуваат медиумите.

Ова беше трето гласање недоверба на Урсула фон дер Лајен, а иницијативата ја покрена парламентарната група Патриот. Како главна причина, тие го наведоа противењето на одлуката на Европската унија да потпише договор за слободна трговија со „Меркосур“, кој, според нив, носи ризици за европското земјоделство и економските интереси на поединечните земји-членки.

И претходните два обида за гласање недоверба на Европската комисија, започнати минатата година, завршија со неуспех. Тие предлози не успеаја да обезбедат ниту четвртина од гласовите во Европскиот парламент, иако трите најголеми парламентарни фракции континуирано ја поддржуваа Фон дер Лајен.

Иако иницијативата повторно беше отфрлена, дискусијата што следеше по неа покажа дека поделбите во Европскиот парламент, особено во однос на трговската политика и односите со надворешните партнери, сè уште се изразени и ќе останат една од клучните теми во наредниот период.

Текстот Фон дер Лајен повторно го преживеа гласањето недоверба во ЕП е превземен од МАКФАКС.