Европа ќе биде првиот континент каде што „Фолксваген“ ќе продава исклучиво автомобили со електрични мотори. Според најавите од компанијата такво нешто ќе се случи за помалку од 15 години.
Во последните соопштенија за печатот, директорот за продажба на „Фолксваген“, Клаус Зелмер ги откри најновите планови на брендот за целосна електрификација. Според нив, германскиот гигант најдоцна до 2035 година веќе нема да им нуди на европските клиенти модели што се напојуваат со мотори со внатрешно согорување.
По спроведувањето на плановите во Европа, целосната електрификација на „Фолксваген“ ќе се изврши и во Cеверна Америка и Кина, а потоа и во земјите од Јужна Америка и Африка каде се уште не се подготвени за електрични автомобили поради политички и инфраструктурни околности.
На глобално ниво, оваа автокомпанија смета дека целосната електрификација на нивните модели ќе заврши до 2050 година.
Со последните објавени планови, „Фолксваген“ се приклучи на неколкуте автомобилски компании што претходно најавија дека следните десет години ќе се откажат од моторите со внатрешно согорување, а времето ќе покаже како се тоа ќе изгледа во пракса.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.