Македонскиот фудбалски шампион ФК Шкупи претрпе пораз од 0-1 на домашен терен од Динамо Загреб и ги заврши настапите во Лигата на шампионите, додека хрватскиот тим го продолжи натпреварувањето во третото коло од европската фудбалска елита. Воопшто не се посрамотија „гулабите“ од Чаир, бидејќи се соочија со многу надмоќен и поискусен ривал, но поразот беше болен, бидејќи шансите од двете страни беа идентични. Натпреварот го реши невнимателноста на домашната одбрана и голот кој дојде на почетокот на вториот дел.

Advertisements

„Во првото полувреме преку доминација на теренот се обидовме да дојдеме до позитива и создадовме 3 шанси, но не дадовме гол. Тешко е да се игра против домаќините, кои имаат длабока игра, потоа ни направија многу проблеми отскокнувањата во зона и освен еден центаршут, немаа добри шанси во првото полувреме. Сепак, успеавме да постигнеме гол и на крајот, кога ќе се анализираат двата натпревари, заслужуваме да одиме понатаму“, рече Анте Чачиќ, тренер на ФК Динамо Загреб.

Скопскиот тим ќе го продолжи натпреварувањето во Лига Европа и во третото коло ќе ги одмери силите со тимот на Шамрок Роверс од Ирска, додека првата средба ќе ја има на гости, на 4 август од 18.00 часот. Во меѓувреме Динамо Загреб во третото коло од Лигата на шампионите се среќава со Лудогорец.

Махир Тачи

Прикажи повеќе