Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) со поддршка на Министерството за финансии и Светска Банка го креираше првиот хибриден Инвестициски фонд од 27 милиони евра. По тој повод денеска се одржа панел дискусија на тема: „Сè што треба да знаете за инвестицискиот фонд” во рамките на „Глобалната недела на претприемништво 2021” а во организација на Стартап Македонија.

Целта на Инвестицискиот фонд е развивање на пазарот на капитал и отворање нови можности за инвестирање во стартапи за да се трансформира македонскиот стартап екосистем, но и за да се создадат нови услови за развој на „venture capital” во државата.

-Со оглед на активностите на ФИТР во изминатата година, формирањето на Инвестицискиот фод е логичен редослед во насока на поддршка на стартап екосистемот и овозможување на побрз развој, полесен пристап до финансии и полесен влез до глобални пазари. Одиме чекор напред во димензионирање на поддршката на Фондот од директна во индиректна со креирање на поволни услови за оние кои им нудат поддршка на стартапите, рече директорот на ФИТР, Коста Петров.

Петров додаде дека во Инвестицискиот фонд, државата ќе учествува со 10 милиони евра, додека остатокот од 17 милиони ќе биде приватен капитал и од меѓународни финансиски институции. Инвестициите на Фондот ќе се движат од 100.000 евра до 1,5 милиони евра, а ќе се инвестира во македонски но и регионални стартапи.

-Стартувањето со работа на новиот Фонд ќе претставува огромен импулс за уште посилен развој на македонската стартап сцена. Посебно важно за нас како приватен акцелератор е тоа што намерата е да се засили влезот на приватни инвеститори во поддршката на растот на компаниите на глобално ниво. Со оглед на фактот што ние инвестираме во рана фаза, со износи до 100.000 евра, за иновативните стартапи кои имаат глобален потенцијал за раст, од голема важност ќе биде и целокупната поддршка за понатамошен развој во следна рунда на инвестиции, резимираше ко-основачот на X Фактор Акцелератор, Игор Андреев.

Според претседателот на Стартап Македонија, Игор Маџов, иновативативните и перспективните компании се секогаш во потрага по нови и алтернативни извори на финансирање за да растат.

-Овој фонд го гледаме само како почеток во права насока за обезбедување на поголема подршка и развој на инвестирањето преку удели во земјава, истакна Маџов.

На панелот зборуваа и Ивана Станковиќ, советник во ФИТР, како и Гого Рафајловски, оперативен директор на SEEU Tech Park.