Финскиот парламент со големо мнозинство го одобри предлогот за членство во НАТО.
– Од 200 пратеници, 188 гласаа „за“, а осум беа против аплицирање, изјави претседателот на парламентот Мати Ванханен.
Министерот за надворешни работи Пека Хависто истакна дека одлуката не е причина за славење, бидејќи „во Европа има војна“.
– Членството на Финска во НАТО нема да ја промени нашата основна позиција дека секогаш ќе бараме мирни решенија. Ние сме мирен народ, кој пред сè ќе бара дипломатски решенија за секој конфликт, рече Хависто.
Против апликацијата беа дел од пратениците од Левата алијанса, кои посочија дека финската граница ќе стане граница меѓу војската на НАТО и Русија.