Финската премиерка Сана Марин денеска ги повика Турција и Унгарија што поскоро да ги одобрат барањата на Финска и Шведска за членство во НАТО, јави Хина.

Турција и Унгарија се единствените членки на НАТО што сè уште не ги ратификувале барањата.

– Сега сите очи се вперени во Унгарија и Турција. Чекаме овие земји да ги ратификуваат нашите барања. Мислам дека е важно тоа да се случи што побрзо, истакна Марин на заедничка прес-конференција со другите нордиски лидери.

Финска и Шведска побараа да се приклучат на Алијансата во мај, како одговор на руската инвазија на Украина. Но, земјите наидоа на приговори од страна на Турција, која ги обвини дека им обезбедуваат засолниште на групите што таа ги смета за терористички.