Финансиска полиција, заедно со Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи спроведуваат засилени и сеопфатни контроли за да се спречат евентуални манипулации во снабдувањето со храна и горива, соопшти Владата.
Акцијата следува откако изминативе денови на бензинските пумпи се ограничуваше горивото кое може да го наточат граѓаните, а во маркетите беа повлечени одредени прехранбени производи оти се чекаа нови, повисоки цени.
„Инспекциски контроли на дистрибутивните центри кои вршат снабдување со прехранбени продукти и на правните субјекти кои вршат трговија на мало и големо со нафтени деривати на територија на целата држава се спроведуваат со цел да нема застој во снабдувањето со прехранбени производи, овошје, зеленчук, енергенси и да не се создава паника кај потрошувачите“, велат од Владата, но не кажуваат дали и колку фирми и бензински пумпи се казнети досега.