„Кајмак“, најновиот филм на македонскиот  режисер, Милчо Манчевски ја освои Наградата на публиката на Филмскиот фестивал во Тирана.

Ова е четврта награда за „Кајмак“ за еден месец, откако претходно освои Награда за најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, како и Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) во Херцег Нови, а Манчевски доби Специјална награда на i-fest во Калабрија, Италија, додека, пак, во Тирана, албанската државна новинска агенција, АТА, го наслови интервјуто со Манчевски „Уметник кој му објави војна на компромисот“ и го нарече „уметник со кој се гордеат нашите соседи во Македонија“, па продолжи: „Како и секој вистински уметник, тој шокира и го презира конформизмот“.

Манчевски во Тирана беше пречекан со огромни почести од културната и политичка јавност на Албанија. Тој одржа и мастерклас на Фестивалот.

„Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, Црна Гора, САД итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.

Како што соопшти Банана филм, Агенцијата за филм сè уште ги блокира двата проекти на Манчевски, „Кајмак“ и „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“), спротивно на одлуката на судот и на правното мислење на Министерството за култура. Јавна поддршка за Манчевски изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Федерацијата на здруженија на филмски критичари), Транспаренси интернешнл и Whistleblowing International.